Косовскиот премиер Албин Курти синоќа објави дека српските воени сили повторно извршиле провокација, приближувајќи се на само 50 метри од границата со Косово, во близина на општина Каменица.
Курти ја сподели информацијата на својот профил на Фејсбук, при што приложи и фотографии на кои се забележани српските војници пред да се повлечат по што биле снимени од косовските власти.

Курти нагласи дека Косово значително инвестирало во своите разузнавачки и безбедносни структури и е подготвено да се справи со какви било закани за територијалниот интегритет.
Тој истакна дека Србија продолжува со хибридни акции за да ги зголеми тензиите и дестабилизира регионот, иако, според него, можностите за вакви маневри се намалуваат.
“Овие провокации не се новина, но покажуваат континуирано непочитување на суверенитетот на Косово”, изјави Курти, нагласувајќи ја важноста од внимателното следење на ситуацијата.

Засега, официјален Белград не реагирал на обвинувањата на Курти. Ситуацијата на теренот останува напната, а политичките и воени тензиции во регионот продолжуваат да бидат предизвик за стабилноста на Балканот.
Курти, исто така, посочи дека е потребно продолжување на дијалогот и меѓународна поддршка за одржување на мирот, нагласувајќи дека само со заеднички напори може да се спречи понатамошна ескалација на конфликтот.











