Најмалку 25 лица се убиени при напад во градот Доњецк, кој е под контрола на Русија. Водството во градот поставено од Москва соопшти дека уште 20 други лица се повредени и додаваат дека бројот на жртви се очекува да расте.
Руското Министерство за надворешни работи го осуди нападот како „варварски терористички напад“ врз цивили. Иако прстот за нападот е вперен во Украина сепак Киев засега без коментар.
Градот Доњецк и делови од поширокиот регион во источна Украина првпат беа заземени од силите поддржани од Русија во 2014 година, а оттогаш областа е контролирана од Москва.
Градот е на околу 20 километри од линијата на фронтот. Во областите во близина на градот Доњецк – вклучувајќи ги Маринка и Авдиивка – се забележани најжестоките борби во последно време од почетокот на војната.
Поминаа речиси две години откако Русија ја започна својата целосна инвазија на Украина, но таа постигна мал напредок во последните месеци.
Во саботата таа тврдеше дека го освоила селото Крохмалне во североисточниот регион Харков во Украина.
Портпаролот на украинската војска потврди дека нивните сили се повлекле од областа, но рече дека територијата е од мало воено значење.
















