На фотографии кои ги објавија повеќе медиуми се гледа Ислам Абази, новоизбраниот раководител на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, во прегратка со поранешниот гостиварски градоначалник Невзат Бејта.
Абази (со потекло од Зајас, родното место на лидерот на ДУИ) денеска рече дека не е во никаква релација со Али Ахмети, но можеби се сретнал со него, или пак седел со некој од ДУИ.
Фотографијата, на која се гледаат четворица мажи, покажува дека Абази сепак се среќавал со партиски функционери на ДУИ на заеднички дружби.
Бејта е поранешен градоначалник на Гостивар во три мандати и два порази на локалните избори, а на генералниот партиски совет на ДУИ минатиот месец седеше во првиот ред кога беа доделени функции на бунтовничката огнена група.
А1он објави уште една фотографија на која Абази е во друштво со братот на Али Ахмети и уште еден влијателен член на ДУИ.
Обвинителот Абази не дал коментар за веб медиумот.
За Абази гласаа 66 обвинители на премиерните директни избори за шеф на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција. Клучните 6 гласови стигнаа од Државното обвинителство и тимот на Љубомир Јовески, по што анонимниот и мистериозен обвинител од Зајас без програма за работа е избран за наследник на Вилма Русковска.
Денеска голем дел од неговите гласачи за првпат го видоа и слушнаа на изјавата во Обвинителството и добија шанса да видат дека гласале за обвинител од „фото-прегратките на ДУИ”.











