Франција и Италија нема да учествуваат во новата иницијатива на НАТО за финансирање на испораките на американско оружје за Украина, објавија „Политико“ и „Ла Стампа“, повикувајќи се на неименувани владини претставници во двете земји.
Иако е долгогодишен поддржувач на Киев, официјален Париз реши да не учествува во иницијативата која беше претставена за време на состанокот меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и генералниот секретар на НАТО, Марк Руте. на 14 јули во Вашингтон. Планот предвидува НАТО да купува напредно американско оружје, вклучително и системи за противвоздушна одбрана, а дел од нив ќе биде испорачан во Украина.
Според наводи на двајца француски претставници, Франција одбила да учествува во иницијативата, бидејќи претседателот Емануел Макрон се залага за јакнење на европската одбранбена индустрија со купување на оружје што е произведено внатре во Европа.
Сличен став зазеде и Италија. Според „Ла Стампа“, италијанските претставници ја исклучиле можноста за директно купување на американско оружје, повикувајќи се на фискални ограничувања и фокус на земјата на други воени технологии, како на пример италијанско-францускиот противвоздушен систем САМП/Т кој е веќе испорачан во Украина.
Весникот додава дека Италија моментно го разгледува барањето на НАТО за поддршка во логистички превоз на американското оружје за Украина – без разлика дали ќе биде по копнен, воздушен или поморски пат. Сигналите од Рим се дека земјата нема да се „повлече“ од таков придонес, но точната природа и опсег на италијанскиот ангажман допрва треба да се дефинираат.











