Илон Маск го затвори договорот за купување на Твитер за 44 милијарди долари, изјави за Си-Ен-Ен извор запознат со ситуацијата. Најбогатиот човек на светот на тој начин стана шеф на една од највлијателните социјални мрежи во светот.
Првиот чекор што го направи откако ја презеде компанијата го отпушти раководството на социјалната мрежа.
Маск ги отпушти извршниот директор Параг Агравал, главниот финансиски директор Нед Сегал и главниот правен и политички директор Виџеј Гада, јавуваат американските медиуми.
Маск ги обвини претходните лидери дека го доведоа во заблуда него и инвеститорите за бројот на лажни сметки на платформата, како и дека не му даваат јасни аргументи за тоа како да ги постигне високите амбиции што ги има со влијателната социјална платформа.
Идејата на Маск е да ги победи „спам ботовите“ на Твитер, да ги направи јавно достапни алгоритмите кои одредуваат како содржината им се презентира на корисниците и да спречи платформата да стане комора за омраза и поделби.











