Вчитување реклама ...
Generic selectors
Exact matches only
Search in title
Search in content
Post Type Selectors

Голем број светски лидери се собраа во Казан – Кремљ демонстрира отпорност на санкциите од Западот

/

пред 728 дена

Сподели преку :

Во очи на големите тензии во светот предизвикани од големите конфликти, во Русија денеска почнува тридневниот самит на БРИКС, платформа за дискусија и соработка во различни области на која учествуваат лидери на 36 земји.

Самитот е дел од напорите на Русија да го зајакне своето влијание и да создаде алтернатива на западниот глобален поредок.

Проширената структура на БРИКС, која вклучува нови членки како Иран, Египет и Саудиска Арабија, укажува на растечкото влијание на блокот и неговата способност да привлекува нови партнери.

— Не со зборови, туку со дела, земјите од БРИКС демонстрираат одговорност за иднината на светот, имаат навистина позитивно влијание врз состојбата на работите во глобалната стабилност и безбедност и даваат значаен придонес во решавањето на акутните регионални проблеми, порача на почетокот рускиот претседател Владимир Путин.

Кремљ го перципира самитот како шанса да ја продлабочи соработката во финансискиот сектор и да иницира нови механизми за плаќање кои би го заобиколиле SWIFT системот. Ова е особено значајно за Русија, која се соочува со економски санкции и изолација.

– Самитот се однесува на продлабочување на финансиската соработка во рамките на БРИКС. Друго исто толку важно прашање е натамошното проширување на нашето здружение. Се разбира, би било погрешно да се игнорира невидениот интерес на земјите од глобалниот Југ и Исток, рече Путин.

На самитот за прв пат од почетокот на војната со Украина учество ќе земе и генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш.

Средбата со него ја нагласува контроверзноста на Русија во глобалната политика. Оваа средба би можела да биде важна за Русија во контекст на обидите да преговара за своите позиции на меѓународната сцена.

За самитот на БРИКС во Казан воведени се екстремни безбедносни мерки. Патиштата и главните артерии во центарот на градот, се блокирани поради континуираните поворки на највисоките функционери кои пристигнуваа на собирот.

– Патиштата се блокирани. Кафулињата се затворени. Но, останатото е се во ред. Нема интернет врска и тоа е еден од главните проблеми, вели жител на Казан.

– Затворени се патиштата, има многу полиција, има блокади на сообраќајот од страна на сообраќајната полиција. Сето тоа е направено за нашата безбедност. На крајот, овде се прават големи зделки, додава друг жител на Казан.

Тридневниот состанок во градот Казан го покажува неуспехот на напорите предводени од САД да се изолира Русија поради нејзините дејствија во Украина.

Кремљ го промовираше самитот како „најголемиот надворешнополитички настан што некогаш се одржал“ од Русија.

Алијансата која првично ги вклучуваше Бразил, Русија, Индија, Кина и Јужна Африка се прошири за да ги прифати Иран, Египет, Етиопија, Обединетите Арапски Емирати и Саудиска Арабија. Турција, Азербејџан и Малезија формално се пријавија да станат членки, а неколку други земји изразија интерес за приклучување.

Александар Петрески