Грејната сезона почнува и за потрошувачите приклучени на системот за централно греење во Скопје, со кој управува ЕСМ.
Исклучок ќе биде општина Карпош, каде во училиштата грејната сезона ќе почне на први ноември.
Од ЕСМ велат дека општината побарала одложување на греењето.
Но, градоначалникот, Стевчо Јакимовски ја повика владата да ги покрие трошоците за греење на општинските основни училишта, затоа што локалната самоуправа не е должна да го прави тоа.
Сите обврски кон училиштата ги покрива Владата, односно Министерството за образование преку т.н. блок дотации, кои што стигаат до општината, а потоа се пренесуваат до училиштата, вели Јакимовски.
Тврди дека средствата што ги исплаќаат од Министерството за образование до училиштата, не стигаат за основните потреби.
Според информациите, осум училишта на територија на Карпош денеска ќе останат со ладни радијатори.
Денеска пак министерката за образование Весна Јаневска вели дека сите блок дотации се исплатени и дека не знае како општините ги потрошиле тие пари.











