Предлогот за заедничка резолуција со Бугарија со која би се признале македонскиот јазик и идентитет за СДСМ е алиби на власта за неспособноста да ги испорача ветувањата кон граѓаните. На денешната седница за пратенички прашања, обвинија за драматично влошени меѓународни позиции, особено на патот кон ЕУ, и дека ставањето на овие веќе затворени прашања повторно на маса е непромислена политика.
„Дали Мицкоски сака да ја врати Македонија во времето на режимот на Никола Груевски, и дали негирањето на македонскиот идентитет од страна на Бугарија денес се користи на ист начин како што Груевски го користеше грчкото вето во 2008 година, како изговор за внатрешна пресметка и задржување на власта“, праша Митко Трајчулески од СДСМ.
Премиерот одговори дека, токму поради непромисленоста на СДСМ, државата е доведена во стапица.
„Тоа што не им успеало на Батемберг, преку Јосиф, преку оваа асимилаторска политика на Сталин, на комунистичкото раководство на Социјалистичка Бугарија, преку Тодор Живков, вие се прифативте“, рече Христијан Мицкоски.
Кон министерот Александар Николоски упатија критики за стопирањето на пругата кон Бугарија и најавите за повторна изградба со изгубена цела година и над 60 милиони евра од претпристапните фондови. За железничкиот коридор 10, кој е дел од договорот со Британија, пак, побараа повеќе детали.
Николоски одговори дека пругата била стопирана за да не се трошат пари за влез во слеп тунел, а дека разговорите продолжиле кога Бугарија ги исполнила трите барања за продолжување на проектот од бугарска страна. Најави дека слични разговори ќе имаат и со Албанија, затоа што и таму има пруга само на хартија. За договорот со Британија потврди дека имаат понуди од 16 врвни банки и институции, но повторно не ги откри нивните имиња.
Од „Европски фронт“ го прашаа вицепремиерот Меџити дали знае што се случува со јавниот простор во Тетово и дали ги поддржува противзаконските дејства што, според нив, ги прави тетовскиот градоначалник со тоа што продал земјиште од речиси три илјади метри квадратни за 190.000 евра?
Меџити одговори дека нема целосни информации за случувањата на општинско ниво, но тврди дека единствената парцела што досега е продадена во Тетово е од страна на ДУИ и тоа на црногорската и српската мафија.
Во продолжение на дебатата, премиерот одговараше на прашања за еконосмискиот развој на државата при што најави и отворање на зони за инвестиции од областа на воената индустрија.
Далиборка Демјанска Цветановска











