Милитантната група Хамас потврди дека нејзиниот воен командант Мохамед Деиф бил убиен во израелски воздушен напад во Појасот Газа минатата година. Потврдата од радикалната палестинска група доаѓа шест месеци откако Израел објави дека го убил Деиф. Израел соопшти дека воениот лидер на Хамас бил убиен за време на воздушни напади во јужниот дел на Газа во јули 2024 година.
Деиф беше долгогодишен водач на военото крило на Хамас, а Израел рече дека тој е еден од организаторите на нападот врз Израел на 7 октомври 2023 година, што ја предизвика 15-месечната војна во Газа. За време на војната во Газа, Израел уби и други високи членови на радикалната палестинска група, вклучувајќи го и лидерот на нејзиното политичко крило Исмаил Ханије.
Признанијата за ликвидацијата на високиот воен лидер доаѓаат во време кога меѓу завојуваните страни на сила е договор за прекин на огнот кој предвидува ослободување на илјадници Палестинци затворени во Израел и враќање на Палестинците во северниот дел на Газа.











