Хутите би можеле да го затворат стратешки важниот теснец Баб ел-Мандеб, ако се донесе одлука за директно вклучување во војната на страна на Иран против САД и Израел, порача воениот командант на Јемен, Абед ел-Тавр, пренесува иранската телевизија Прес.
Според него, во случај на таква одлука, првиот чекор би можел да биде воведување на формална поморска блокада на еден од најважните светски поморски премини. Сценариото, како што додаде Ел-Тавр, би било запирање и контрола на бродовите кои се движат кон САД и „окупираните територии“.
Мерките, како што порача, ќе се однесуваат и на трговски и на воени бродови, вклучително и носачи на авиони кои ќе минуваат низ тој дел од Црвеното море.
Баб ел-Мандеб теснецот, кој го поврзува Црвеното море со Аденскиот залив и Индискиот океан, се смета за еден од најважните поморски премини во светот. Неговото затворање ќе има значајни последици во глобалната трговија и снабдување со енергенси, бидејќи низ него минува голем дел од сообраќајот меѓу Европа и Азија.











