Битолчанката Билјана Тодоровска имаше само 19 години кога ѝ беше дијагностицирана мултипла склероза. Две децении трае нејзината битка со оваа заболување. Вели потешки од физичките се менталните бариери, институционалните пречки и потешкотиите во здравствениот систем.
„Со добра волја и големо прилагодување може да се живее со мултипла склерозата. Има терапија, но приморани сме сите да патуваме до Скопје и таму да ја подигаме терапијата. Дистрибуцијата до Битола е многу тешка. Секој месец се патува до Скопје, а буквално е само пет минути работа. Тое е нешто што многу револтира и иритира“, вели Билјна Тодоровска.
Во светот на секои пет минути на некој му се дијагностицира мултипла склероза. Кај нас, иако нема регистар, сепак статистиките кои се на располагање покажуваат дека Македонија е во државите со висок ризик. Вкупниот број на пациенти кои примаат терапија е над 1.500, во Битола околу 120 лица, а нивниот борј во последните осум години е двојно поголем.
„Во 2016 година, 348 пацинети биле поставени на терапија за мултипла склероза, додека новите податоци од април 2024 година говорат дека дури 656 добиваат терапија за мултипла склероза“, вели д–р Ирена Стефановска, спец. невролог во Клиничка болница Битола.
Здружението на лица со инвалидитет „Мобилност“ од Битола денеска организираше работилница „Мултипла склероза – фикција или стварност“ за подигнување на јавната свест и поттикнување на пациентите за рано дијагностицирање и прифаќање на болеста, која брзо прогресира доколку не се третира.
„Тешко се прифаќа болеста, а кога ќе се прифати е многу доцна. Целта е да ја анимираме јавноста, пред сè, државата, дека овој проблем ќе биде уште потежок и поголем и ќе има голема прогресија на лица кои ќе бидат зависни“, вели прим. д–р Нико Јанков, претседател на „Мобилност“ Битола.
Покрај потребата од дисперзија на терапијата во внатрешноста на државата, пациентите се соочуваат и со други предизвици. Станува збор за болест со многу симптоми која бара мултидисциплинарен пристап, потоа пристап до иновативни лекови, невролошки тим кој ќе биде посветен само на пациентите со мултипла склероза од која заболуваат претежно млади луѓе, двојно повеќе жени отколку мажи, но вистинскиот причинител е сè уште непознат.
Емилија Мисирлиевски











