Вчитување реклама ...
Generic selectors
Exact matches only
Search in title
Search in content
Post Type Selectors

Истрага против мајката која го остави своето шест месечно бебе на клупа во Велес

/

пред 783 дена

Сподели преку :

Основното јавно обвинителство Велес започна истражна постапка против мајката на 6-месечно бебе кое на 12 јули беше пронајдено оставено на клупа на улицата „8 Септември“. Бебето го забележал случаен минувач и го однел во велешката болница, каде било примено во тешка општа здравствена состојба. Откако го примиле во болницата нејзиното бебе, таа дошла и да го посети, но си заминала и не се вратила.

Во текот на предистражната постапка, надлежен јавен обвинител издаде наредби за утврдување на ДНК профил на бебето и ДНК анализа со кои се утврди дека сега осомничената е биолошка мајка на бебето, која со грубо запоставување на својата должност за родителска грижа и воспитување го запуштила своето новородено дете и во услови на исклучително висока температура на воздухот од над 40 степени целзиусови, го оставила на клупа, необлечено, неухрането и дехидрирано. По приемот во велешката болница, таа на кратко го посетила бебето, по што си заминала и не се вратила. Поради тоа постои основано сомнение дека со ваквите дејствија таа сторила кривично дело – Запуштање и малтретирање на дете од член 201 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик, соопштија од обвинителството.

Кај хоспитализираното бебе било констатирано тешко нарушување на здравствената состојба, што надлежниот јавен обвинител го документираше со соодветна медицинска документација и вешт наод, а испитан е и сведокот кој го пронашол оставеното дете. Против осомничената, која е во бегство и недостапна на адресата на која престојувала во Велес, надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор. Предлогот е прифатен, а притворската мерка ќе започне да се применува веднаш по нејзиното пронаоѓање и лишување од слобода.

Детето е ставено под старателство на Центар за социјална работа и сместено во установа за згрижување деца без родителски надзор.