Според најновото истражување, секој седми граѓанин на Македонија е член на политичка партија, а изборниот процес е силно поделен по етничка линија. Студијата спроведена од Институтот за социолошки и политичко-правни студии на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во соработка со Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ покажува дека Македонците, како и другите етнички заедници, во голема мера гласаат за партии што ги претставуваат нивните етнички интереси.
Истражувањето открива дека 13,3% од испитаниците се изјасниле како членови на партија, што е значително поголем процент од просекот во Европската унија од 3-5%.
Се истакнува дека жените и младите луѓе се помалку ангажирани во политичките процеси. Истражувањето, спроведено од 25 октомври до 4 декември 2024 година, вклучува 1.056 испитаници и покажува дека политичките ставови во земјата се во голема мера обликувани од етничките и партиските припадности на граѓаните.











