Украина, демократија, климатски промени, судство, имиграција, истраги, абортус… Ова се дел од клучните прашања за важноста од исходот на американските избори за Конгресот кои, според многумина, се и референдум за актуелниот претседател Џо Бајден. Во понудата се сите 435 места во Претставничкиот дом, 35 места од вкупно 100 за сенатори, 36 од 50 за гувернери и илјадници места во законодавната и извршната служба.
Во изборната кампања се вклучија и Џо Бајден и неговите демократски претходници, Барак Обама и Бил Клинтон, како и републиканецот Доналд Трамп. Во еден од своите последни обраќања пред гласачите, Бајден, меѓу другото, ги обвини републиканците дека, во суштина, ги оспоруваат изборите и уживаат во политичко насилство.
Тој ги поврза своите политички ривали и со нападот врз сопругот на Ненси Пелоси и предупреди дека основните вредности на нацијата се во опасност од републиканците.
Овие избори во САД се одржуваат во особено поларизирачки момент во американската политичка историја, кои се обележани со тврдењата на Трамп дека изборите во 2020 година биле „украдени“. Тој и натаму е исклучително влијателна личност меѓу републиканците и има амбиции за повторно да се кандидира за претседател на САД на изборите во 2024 година. Во тој контекст и неговата најава за „големо соопштение“ на 15 ноември.
Републиканците очекуваат голема победа и преземање на контролата врз американскиот Конгрес на изборите во средина на мандатот на Бајден. Тие ги критикуваат демократите за пораст на инфлацијата и криминалот.
За преземање на контролата во Претставничкиот дом, на Републиканците им требаат пет места повеќе одошто имаат во моментот и само едно повеќе за превласт во Сенатот.
Дел од клучните држави, како Пенсилванија, веќе предупредија дека пребројувањето на гласовите би можело да потрае со денови, а Илон Маск, кој неодамна го презеде Твитер, упати отворен апел со Американците да гласаат за Републиканците на овие избори.
Според последните показатели, републиканците ќе остварат значителен напредок, но останува да се види дали тоа ќе биде „црвено бранување“ или „цунами“.
Сашко Димовски











