Конвенцијата на демократската партија продолжи во Чикаго, но кандидатката за претседател не присуствуваше на втората вечер во која атмосферата повеќе наликуваше на концерт. Цела плеада на ѕвезди, музички и филмски го кажаа своето мислење зошто сметаат дека Харис треба да остане во Белата куќа, но овој пат на највисоката функција. И додека делегатите се забавуваа во Чикаго, Харис ја напушти конвенцијата за да одржи митинг во Милвоки, во истата сала каде пред еден месец се одржа конвенцијата на републиканците, каде Трамп официјално ја доби партиската номинација.
„Како што знаете, во оваа кампања не се работи само за нас против Доналд Трамп. Не е само за нас против Доналд Трамп. Се работи за две сосема различни визии за нашата нација. Првата, нашата, е фокусирана кон иднината, другата е фокусирана кон минатото. А ние, Висконсин, се бориме за иднината“, изјави Камала Харис, потпретседателка на САД и кандидатка за претседателка.
Главни ѕвезди на вториот ден од конвенцијата во Чикаго беа сопружниците Обама, и додека говорот на Мишел беше речиси целосно фокусиран на жестоки напади против Трамп, поранешниот претседател Барак Обама, ги предупреди своите сопартијци. Ентузијазмот кој ја понесе партијата по повлекувањето на Бајден и номинирањето на Камала Харис, треба да го преточат во работа на терен, затоа што трката со Доналд Трамп ќе биде исклучително тешка.
„Ќе избереме лидери од гласачкото ливче кое ќе се борат за надежната, напредна Америка во која сите ние веруваме, и заедно ќе изградиме држава која е побезбедна и поправедна, поеднаква и послободна. Затоа, да се фатиме за работа“, порача Барак Обама, поранешен претседател на САД.
Како еден од највлијателните членови на партијата, Обама играше голема улога во убедувањето на Бајден да ја повлече кандидатурата за освојување втор мандат по катастрофалното издание на дебатата со Трамп на 27 јуни. Поранешната спикерка во Претставничкиот дом, Ненси Пелоси, беше таа што ја координираше интерната кампања против Бајден, но актуелниот претседател, кој во два мандати му беше потпретседател на Обама, според американските медиуми се чувствувал предаден од својот пријател.
„Во време кога другата партија се претвори во култ на една личност, нам ни беше потребен лидер кој е стабилен и ги обедини луѓето, и кој беше доволно несебичен за да го направи најреткото нешто во политиката, да се откаже од своите амбиции за доброто да државата. Историјата ќе го запамети Џо Бајден како неверојатен претседател кој ја одбрани демократијата во момент на голема опасност“, додаде Обама.
Иако анкетите ѝ даваат предност на Харис пред Трамп, сепак изборот на новиот претседател ќе зависи од нивниот настап во неколкуте т.н. свинг држави, односно каде што поддршката за партиите се менува од избори во избори. Во седумте свинг држави, Трамп и Харис се во мртва трка за нивните електорски гласови, и токму тие ќе одлучат кој ќе се врати во Белата куќа.
Игор Трајков











