Првиот удар од војната на Блискиот Исток е преку цената на нафтата која нагло скокна, импликациите во регионот веќе се чувствуваат, вредноста на инвестициите во недвижности веќе е намалена за една третина во Дубаи, изјави Мирче Јовановски, економски новинар, во денешната дебата во „Директно“ на Телма ТВ. Додаде дека зголемените цени на нафтата и нафтените деривати ја поттикнуваат инфлација и создаваат нервоза кај берзите
„Генерално, последиците се чувствуваат во целиот свет. Нобеловецот Кургман во еден блог говориза порастот на цената на бензинот во САД. Тој вели не е толку изненаден од порастот на цената, колку од брзината со која се случува таа динамика“, посочи Јовановски.
Правејќи споредби на цената на горивата кај нас во моментот во однос на крајот на декември, Јовановски истакна дека разликата е 40 отсто кај дизелот.
„Од 64,5 денари колку што беше кон крајот на декември, сега е 92 денари. Тоа е огромни влијанија, последици“, рече Јовановски.
Агенцијата за храна при Обединетите Нации, ФАО, додаде Јовановски, предупредува на зголемените цени на прехранбените продукти и според нејзината анализа, војната на Блискиот Исток и зголемените цени на горивата ќе имаат далекусежни импликации, особено врз сиромашните земји.
С.Д.











