Нервоза, навреди, псовки и замавнувања лесно ќе завршеа со физичка пресметка ако не беше брзата интервенција на колегите пратеници во собраниската сала.
Инцидентот изби среде „расчистувањето“ за правилата од новата деловничка алатка – пратенички прашања само од опозицијата. Прашањето на Реџеп Исмаил беше упатено до премиерот, а координаторите на ВМРО-ДПМНЕ и Левица се објаснуваа дали може да се праша било кој член на Владата или само оној кој претходно на писмено бил назначен.
Исмаил се интересираше зошто Мицкоски ја поддржал Радмила Шеќеринска за заменик генерална секретарка на НАТО, кога до неодамна ја обвинувал за погубни политики и партизација на Министерството за одбрана. Премиерот се повика на националните интереси на државата.
„Шеќеринска која работеше против националните и државни интереси, Шеќеринска која, како што кажуваа вашите партиски говорници, газеше врз достоинството на граѓаните и кога требаше да се извини, значи како сега оваа бонбона криминогена екс функционерка можеше да биде промовирана од ваша страна за висока функција во меѓународна организација на која што сме членка“, рече пратеникот на Левица, Реџеп Исмаил.
„Без разлика дали таа опција доаѓа од лево или од десно, секој македонски граѓанин кој гордо ќе ја претставува својата татковина Македонија, од мене ќе биде поддржан во било која меѓународна институција. Какво ќе биде нејзиното однесување таму, тоа е друга работа и оставам на нејзиното лично однесување. Но, да имате претстава дека секогаш додека јас ја водам Владата, ќе се водам од интересите на мојата татковина Македонија и од македонските национални интереси“, одговори претседателот на Владата Христијан Мицкоски.
Овој нов вид пратенички прашања е наменет само за опозициските пратеници, се одржува веднаш по утврдувањето дневен ред на нова седница и трае само два часа. Предвиден е со новиот Деловник од 2023-та и се применува првпат.
Соња Николовска











