Официјален Киев е воздржан по објавата на руската војска дека се повлекува од украинскиот град Херсон. На терен не гледаат знаци дека војниците го напуштаат градот, напротив тврдат дека одредена група се уште е присутна, што значи дека веста можеби е дезинформација, пренесена од медиумите. Претпазливи се и експертите. Предупредуваат дека повлекувањето на Русија од единствената украинска регионална престолнина што е заземена може да е измама со цел да се намамат украинските сили во смртоносна замка. Потребно е да се прегледа теренот.
Ништо не може да се исклучи. Ако бев украински врховен командант во моментов, ќе бев многу претпазлив за тоа што се случува. Би ги вложил моите извидувачки и разузнавачки сили напорно за да дознаам што се случува на теренот, вели РИЧАРД ДАНАТ, ПОРАНЕШЕН КОМАНДАНТ НА БРИТАНСКА АРМИЈА
Иако изгледа срамно, тактички е сепак разумно, со оглед на загубите кои руската војска ги доживува изминативе месеци. Од воен аспект постои ниво меѓу стратегија и тактика, а тоа е оперативното ниво. Па така, можно е повлекувањето да е заради прегрупирање и опоравување.
Каков паметен план имаат Русите на ум? Тие се мајстори – Советите беа, Русите се – за маскировка, измама, камуфлажа. Смилиле ли нешто што ќе им го фрлат на Украинците?, додава Данат.
Рускиот политички неуспех во Херсон не може да се сокрие. Службениците кои беа назначени од Москва да го водат градот уште од март месец делеа пасоши и зборуваа за припојувањето на регионот во рускиот свет. Потоа беше организиран и лажен референдум. Но сега сето тоа пропаѓа. Ова е уште еден катастрофален пораз за Путин, а неговиот сон за освојување на Одеса и поврзување со Молдавскиот регион станува недостижен. Иако Русија се уште контролира голем дел од украинската територија, по големите загуби на луѓе и опрема, не е ни близу до целта која сакаше да ја оствари на почетокот.
Алиса Шутиноска











