Во 2025 година се издвоени вкупно две милијарди и 475 милиони денари за кардио и кардиохируршки установи (приватни и јавни) што е околу 40 милиони евра, истакна Сашо Клековски, директор на Фондот за здравствено осигурување, на денешната прес-конференција.
„Слободно можам да кажам дека содругите болници, буџетот веројатно е над 45 милиони евра, со она што се издвојува во Битола, во Штип, во Торакална хирургија“, рече Клековски.
Од тие средства, додаде Клековски, околу 20 милиони евра (една милијарда и 329 милиони денари) се во јавните здравствени установи и нешто под 20 милиони (милијарда и 146 милиони денари) се во двете приватни здравствени установи („Жан Митрев“ и „Систина“).
Фондот, нагласи Клековски, работи исклучиво со еднакви цени за сите установи.
„Ценовникот е единствен. За истата цена работат и јавните и приватните установи“, рече првиот човек на ФЗО, кој сподели дека најскапата интервенција во кардио-хирургијата, речиси 15 милиони денари, е апарат за вештачко срце.











