Под ниво останала стапката на вакцинација кај децата во Европа и во Централна Азија во 2024 година, покажуваат податоците за опфат со имунизација што денеска ги објавија Светската здравствена организација (СЗО) и УНИЦЕФ. Според извештајот, 89 отсто од новороденчињата во светот примиле најмалку една доза од вакцината ДТП (против дифтерија, тетанус и пертусис), а 85 отсто ги примиле сите три дози. Тоа претставува зголемување од 171.000 деца кои примиле барем една доза и еден милион целосно вакцинирани деца повеќе во споредба со 2023 година.
Сепак, во регионот на Европа и на Централна Азија, просечните стапки на вакцинација останале непроменети или се намалиле за еден процентен поен, стои во извештајот.
Во некои земји од регионот, опфатот со првата доза од ММР вакцината (против морбили, заушки и рубеола) и третата доза од ДТП значително опаднал. Дел од земјите пријавиле само 23 отсто опфат со првата доза ММР и 51 отсто со третата доза ДТП. За постигнување на колективен имунитет и спречување на епидемии на болести што може да се спречат со вакцинација, неопходен е годишен опфат од најмалку 95 отсто.
Регионалниот директор на СЗО за Европа, Ханс Клуге изјави дека во 2024 година речиси 300.000 луѓе заболеле од пертусис, што е тројно зголемување во споредба со претходната година.
„Во меѓувреме, повеќе од 125.000 лица заболеле од морбили, двојно повеќе од 2023 година. Овие бројки не се само статистика, тоа се стотици илјади загрижени семејства чии деца се разболеле, а тоа можело да се спречи“, рече Клуге.
Тој нагласи дека „вакцините спасуваат животи, а кога опфатот паѓа. болестите се шират“.











