Државниот обвинител Љупчо Коцевски ќе се повлече, само ако се утврди дека направил тешка дисциплинска повреда, како што бара законот. Дали ако не се докаже дека сторил дисциплинска повреда, ќе значи дека е разрешен политички, Коцевски одговори дека јавноста ќе оцени.
„Одлуката ја оставам на политичарите. Јас строго сум работел и сè уште ќе работам согласно законот. Ако се исполнети условите според Законот за Јавното обвинителство, ќе го прифатам тоа и нека ме разрешат. Но, доколку не се исполнети законските услови, јавноста ќе цени дали ќе бидам разрешен на законит или на незаконит начин. Од она што го слушнав во јавноста, што да коментирам, тука нема никаква тешка дисциплинска повреда“, изјави државниот обвинител Љупчо Коцевски.
Коцевски и денеска кажа дека немал судир на интерес. На какво незаконско постапување мислат од власта, не знае, но дополнува дека тој има менаџерска улога и не работи на конкретни предмети. Подетално ќе се произнесе, откако ќе го прочита предлогот за негова смена, а тој ќе биде испратен во Советот по наредната владина седница.
На денешната, владата го разгледувала мислењето од министерството за правда, според кое на Коцевски му се забележува за нарушен углед на обвинителството, низа скандали, нарушена функционалност и незаконско постапување и корупција, неефикасност и повреда на самостојноста на обвинителите.
Во фокусот на разрешувањето на Коцевски се и случувањата во Вишото скопско обвинителство, чиј шеф Мустафа Хајрулахи е суспендиран. Наташа Крстевска Цалева, која беше поставена како времен раководител, вчера до Советот испратила молба да биде ослободена од обврската, а како причина го навела тоа што е избрана пред три месеци и сака да се фокусира на работење на предмети.
Коцевски не сакаше да коментира дали таа се повлекува поради притисокот, откако владата тврдеше дека е незаконски поставена како вршител на одлжност, а тој ги поправи дека е времен раководител. Денеска вели ја предложил токму поради тоа што во Вишото скопско има нарушени меѓучовечки односи, а таа е нова и со интегритет.
„Мене не ми кажала ништо, јас бев сега изненаден. Не знам евентуално кои се вистинските причини. Дали е ова што стоеше во писменото барање, со оглед дека се работи само за една реченица, дека бара да биде ослободена од вршење на овие обврски за да се посвети на предметно работење“, додава Коцевски.
За суспендираниот шеф на Вишото обвинителство, Хајрулахи се води и дисциплинска постапка, но и кривична, откако дел од вработените му поднесоа кривична пријава за малтретирање во вршење на службата. Од штипското обвинителство, каде се води постапката, попладево информираа дека вршеле увид во вишото скопско обвинителство за да документираат како се внесувале предметите.
Меѓучовечките односи беа напишани како една од причините за разршеувањето во предлогот од Правда. Коцевски изминатите месеци изјавуваше дека барал од Хајруахи да ги среди овие состојби, а тој, пак, тврдеше дека му вршел притисок за предметот „Бонусите на СЈО“, за кој кривична пријава поднесе ВМРО-ДПМНЕ.
Државниот одговори дека нападите против него почнале откако наредил да се направи надзор за тоа кои обвинители и зошто повлекувале жалби во Вишото, по што следуваа и дисциплински постапки за Хајрулахи и неговиот колега Цветановски. Вработени во обвинителството поднесоа и кривична пријава против шефот Хајрулахи и се води постапка против него за злоупотреба на службената положба и малтретирање во вршење на службата.
Елена Ивановска Мукоска











