Редици пред подрачните одделенија на Државната изборна комисија (ДИК), откако во натпревар кој прв и кој повеќе ќе собере потписи, денеска влегоа кандидатите за претседател поддржани од двете најголеми партии ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, Гордана Силјановска Давкова и Стево Пендаровски.
Гласовите се мереа по часови, а уште половина ден не поминат и од двата табора се пофалија дека ги собрале потписите за рекордно време, но најавија и дека процесот продолжува. По 14 часот, во подрачното одделение во Карпош за малку не се сретнаа лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Мицковски и вицепремиерот Маричиќ. Потписи ставија на различни списоци.
Синока во Гостивар коалицијата на опозициските партии на Албанците „Вреди“ го промовираше Арбен Таравари како нејзин кандидат за претседател на државата. Таравари рече дека ќе биде поинаков и претседател на сите граѓани, кој ќе се залага за слобода, еднаквост и хармонија.
„На секој од вас што дојде, многу му благодарам, бидејќи вие сте мојата сила. Јас сум доктор 26 години, мојот профил како невролог ме освести за грижите на луѓето, кои доаѓаат од неправеден систем. Како претседател предложен од коалцијата „Вреди“ ќе бидам апсолутен победник во албанскиот табор“, порача Арбен Таравари.
Таравари веќе собра граѓански потписи минатата недела. Покрај него, поддршка обезбедија и Билјана Ванковска, кандидатка на Левица, Бујар Османи од ДУИ, Максим Димитриевски од ЗНАМ и Стевчо Јакимовски од ГРОМ. Останатите се сè уште далеку од собирање на 10.000 потписи.
Спорад последните податоци од ДИК, Мерсиха Смаиловиќ и Вело Марковски имаат по околу 1.400 потписи, а со трицифрена бројка се Зорица Цветковска, Ѓорѓи Манасков и Господин Поповски.
Манасков, кој е претседател на Стопанска комора за енергетика на Македонија, во изјава за медиумите реагираше на повеќе нерегуларности во собирањето на потписи. Ја повика ДИК да го поништи собирањето на 10.000 потписи и сите пријавени да ги пушти во изборната трка за шеф на државата. Сепак потенцира дека не се откажува и сè уште очекува поддршка.
Рокот за собирање е до петок, 8 март.
Елена Ивановска Мукоска











