Арбен Таравари, Флакрон Беџети и Елфете Исмаили повеќе не се владини функционери. Собранието им ги констатираше оставките на министерот и замениците министри во Одбрана и Земјоделство, а ниту еден од нив не се појави на седницата за да ја образложи оставката.
Вицепремиерот за добро владеење, Арбен Фетаи, не го следеше нивниот пример и остана на функцијата.
По вчерашната средба во амбасадата на САД со в.д амбасадорката Никол Варнес, во друштво на екс-министерот Азир Алиу, кој исто така му сврте грб на Тарвари, во телевизиско интервју рече дека Алијанса за Албанците е сѐ уште дел од владата затоа што, од вкупно 50 државни функционери од нивните редови, само тројца поднеле оставка.
Рече и дека не му кажал „не“ на Таравари туку на неговиот план кој не е и план на партијата. Седницата на која од Алијанса за Албанците неодамна одлучија да излезат од владата ја нарече „циркус“ одржан во измислен формат.
Кој ќе седне во испразнетите владини фотељи ќе се знае во следните денови. Засега премиерот откри само дека распоредот на силите останува ист.
Очекувам да се задржи структурата на владата со која функционираме досега. Очекувам предлог, па да видиме со какви квалификации располага, изјави Христијан Мицкоски.
Биљал Касами, пак, денеска рече дека си одат само неколкумина индивидуалци, додека останатите ќе продолжат да бидат дел од владата и новоформираната партија „Вреди“.
Деновиве разговараме со премиерот, очекувам до крајот на неделата да ги финализираме разговорите. Им порачувам на сите од Алијанса кои сакаат да останат во „Вреди„, дека се добредојдени, рече Касами.
Повик до пратениците, пак, упати новиот координатор на пратеничката група, која сега брои 9 члена, а во наредните денови се очекува да им се придружи и десетти член.
Апелирам особено до колегите кои го добија мандатот под коалицијата „Вреди„, да се приклучат на оваа група за да го спроведат до крај мандатот на оние граѓани кои им ја дале довербата, изјави Беким Ќоку.
На местото на Селим Сулејмани од Алијанса, кој си поднесе оставка, доаѓа Валбона Адили-Емини, пратеничка од листата на „Вреди“. Со тоа, оваа пратеничка група ќе има најмногу жени во своите редови, шест, спрема четворица пратеници.
Далиборка Демјанска Цветановска











