Единствен услов за напредок на Северна Македонија кон Европската Унија е целосно спроведување на договорот од јули 2022 година, порачаа бугарскиот премиер Росен Жељазков и претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта.
Жељазков ја оцени како „неоправдана“ иницијативата за преиспитување на уставноста на билатералниот протокол со Бугарија, поднесена до Уставниот суд на Северна Македонија.
Тој истакна дека Софија не поставува нови барања, но очекува исполнување на преземените обврски, вклучувајќи ги и уставните измени.
Кошта изјави дека е лично вклучен во процесот и очекува напредок по локалните избори во земјава. Тој нагласи дека „она што е договорено, мора да се спроведе“ и повика на градење меѓусебна доверба за интеграцијата на земјата во ЕУ.











