Вербална расправија меѓу двајца тезгаџии во Новиот пазар во Битола ескалираше во обид за убиство. Инцидентот се случил вчера во утринските часови, кога пазарџиите, на возраст од 70 и 55 години, се скарале околу местоположбата на тезгите.
Според информациите, помладиот физички го нападнал повозрасниот, кој подоцна го пријавил случајот во полиција. Кратко потоа, на пазарот пристигнал 42-годишниот син на повозрасниот пазарџија и му пришол од зад грб на 55-годишникот, додека овој редел роба на својата тезга.
Со кујнски нож му задал два убода, во грбот и во пределот на слабината, обидувајќи се да го лиши од живот.
Присутни пазарџии и купувачи реагирале веднаш, а две лица успеале да го совладаат напаѓачот, кој потоа бил приведен.
- „Јас кога дојдов, се веќе беше завршено. Доаѓам околу 8:30-9:00 часот. Го знам едниот тезгаџија. Немало претходно расправии меѓу нив“, раскажува еден од пазарџиите.
Иако денеска атмосферата на пазарот беше тивка, чувството на вознемиреност беше присутно, а пазарџиите не сакаа многу да зборуваат за настанот.
Настанот се случи овде меѓу тезгите, на среде бел ден кога новиот пазар во Битола е полн со купувачи и тезгаџии.
Граѓаните велат дека веќе не се чувствуваат сигурни
- Никако не се чувствуваме безбедено, на среќа живееме, од денес за утре, можеше да загиниш во секој момент. Таман се разработи овој пазар, и кога ќе слушнеш вакви работи, непријатно е, велат купувачите на пазарот.
Битолската полиција информира дека против 42-годишниот напаѓач е поднесена кривична пријава за обид за убиство, а по предлог на Основното јавно обвинителство, судија на претходна постапка му одредил мерка притвор во траење од 30 дена.
Емилија Мисирлиевски
https://youtu.be/d0aYx2fGDuE











