Комисијата за спречување и заштита од дискриминација и Хелсиншкиот комитет за човекови права ја тужат Владата и Министерството за здравство поради дискриминација на жените земјоделки. Заштита од дискриминација врз индивуидуалните земјоделки во пристап до платено породилно отсуство и платено боледување врз основа на нивниот пол, род, припадност на маргинализирана група и личен статус е правниот проблем кој што го адресираат во тужбата.
Со тужбата Комисијата за спречување и заштита од дискриминација и Хелсиншкиот комитет бараат измени и дополнување на Законот за здраствено осигурување. На брифингот со новинарите беа посочени и забелешките во однос на програмата на Министерството за земјоделство каде жените земјоделки треба да аплицираат за надоместоци за породилно отсуство и боледување. За Јадровски на ваквата програма не може да се гледа како на системско решение.
„Прво затоа што програмата е подзаконски акт на Министерството за земјоделство и шумарство која што се носи на годишно ниво и зависи исклучиво од волјата на актуелниот министер дали ќе ја донесе или нема да ја донесе. Од друга страна истата е со ограничена финансиска импликација, односно министерството може, а и не мора да добие пари за таа програма и оттука имаме една неизвесност“ изјави Игор Јадровски, претседател на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација.
Што се однесува до програмата за 2025- та таа не е лесно достапна транспарентна и ефикасна , вели Јадровски.
„Во овие две години во 2023-та чинам дека биле доставени шест барања на жени земјоделки за добивање на паричен надоместок, во случај на бременост и само на една ѝ е одобрено. Следната година четири барања се доставени и само едно е одобрено. Значи од вкупно десет барања само две се одобрени“ вели Игор Јадровски, претседател на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација во телефонски разговор за Телма.
На јавноста и е познат овој случај затоа што по истиот постапуваше Комисијата за спречување и заштита од дискриминација и претходно кога даде препораки за измени на Законот за здравствено осугурување со кој ќе се надмине дискриминацијата врз жените земјоделки, но Министерството за здравство не постапи по овие препораки и затоа се одлучивме на тужба, вели Јадровски.
Нина Стефанова











