Интегративците му се налутија на косовскиот премиер кој изјави дека албанскиот јазик не е под закана во Македонија. Потпретседателот на ДУИ, Бујар Османи, за косовски медиум, изјавата ја нарече „скандалозна“ и „штетна“, додавајќи дека Курти ја поткопува точката од Охридскиот договор што ја регулира употребата на албанскиот јазик, постигната преку измена на Уставот во 2001 година. Синоќа од Бутел, пак, Ахмети порача дека албанскиот јазик е официјален и „ќе го заштитат“.
Реакцијата следи откако во пресрет на меѓувладината конференција, Ахмети побара од сите косовски партии да преземат итни мерки да го заштитат албанскиот јазик во Македонија. Побара и од косовската влада да го покрене прашањето за албанскиот јазик, но доби студен туш од Курти кој изјави дека треба да се почека одлуката на македонскиот Уставен суд, како и дека се работи за три одредби од Законот за употреба на јазиците кои парадоксално никогаш не се применети во минатото и за кои има мислење и од Венецијанската комисија.
Од коалицијата „Вреди“ ја сметаат оваа изјава на Курти за коректна.
Превирањата почнаа откако претседателот на Уставниот суд најави дека во декември ќе се преиспитува Законот за употреба на јазиците за кој се поднесени 13 иницијативи. Забелешки дадоа и од Венецијанската комисија, од каде повикаа да се преиспитаат одредбите за двојазичност во правосудството.
Далиборка Демјанска Цветановска











