Либанското Министерство за здравство соопшти дека во последните 24 часа биле убиени 28 лица, а 139 се повредени, со што вкупниот број на жртви во конфликтот помеѓу Израел и Хезболах, кој трае повеќе од една година, се искачи на 2.574 загинати и над 12.000 ранети.
Кризниот штаб регистрирал 74 воздушни напади и гранатирања во текот на последниот ден, најмногу во јужен Либан и провинцијата Набатија. Спасувачките тимови открија тела на жена и нејзиното седумгодишно дете, два дена по израелскиот воздушен напад во густо населената сиромашна населба крај главната јавна болница во Бејрут, каде загинаа 18 лица, вклучувајќи четири деца, а 60 беа повредени.
Израелската војска тврди дека целта на нападот била позиција на Хезболах, но не даде детали и посочи дека болницата, која претрпела минимална штета, не била цел.











