Вчитување реклама ...
Generic selectors
Exact matches only
Search in title
Search in content
Post Type Selectors

Властите размислуваат за воведување ПЦР тест на граница – од денес со вакцинален сертификат во кафеани

/

пред 1878 дена

Сподели преку :

Властите со најава за нови анти-Ковид мерки – на состанок на Комисијата за заразни болести утрово се разговарало и за негативен ПЦР тест на граница. Како за странци, така и за македонски граѓани.

Со оглед на тоа што голем дел од граѓаните веќе се на одмори надвор од државата, нејасно е кога би се вовела оваа мерка која денес ја најави министерот за здравство, Венко Филипче. Засилените контроли на границите се по примерот на повеќе земји од Европа, но и од соседството. Тестот би бил задолжителен, ако патниците немаат сертификат за вакцинација заедно со пасошот, или пак доказ за прележана болест.

Филипче вели дека е разочаран затоа што група граѓани протестираа за мерките кои се во насока на зачувување на јавното здравје. Од денес веќе важат донесените мерки, како што е забраната за организација на настани во затворени простории – како на пример свадбите коишто донесоа и бројни кластери на заразени.

Најкрупната мерка е усмерена кон угостителските објекти каде што веќе не може да се седи без сертификат за вакцинација ако се присутни повеќе од триесет гости. Мерките не се задоцнети, уверува министерот.

Угостителите останаа збунети на првиот ден од спроведувањето на мерките. Велат, да почекаме да видиме како ќе помине денешниот ден, па од утре и подобро да се организираат.

Веќе се ограничени бројот на места за седење во објектите, а сертификатите за примена вакцина ќе ги проверува редар. Но, најмногу ги мачи тоа што ќе мораат да ги делат гостите за да ги испочитуваат мерките на надлежните.

Состојбата со коронавирусот станува повторно критична. Болниците забрзано се полнат, а најмногу потреба за нови хоспитализации се јавува во Тетово, Гостивар и Струга, велат од Министерството за здравство.

Дополнително, информираа дека по препорака на американскиот Центар за контрола и превенција на болести, ќе се воведе и кај нас вакцинација со трета доза, но само за пациентите коишто се имунокомпромитирани, односно кои веќе се соочуваат здравствена состојба што нивниот имунитет го прави послаб.

Петар Догов