Бугарската политика ќе ги консолидира редовите по прашањето околу Македонија и тоа на состанок на Консултативниот совет за национална безбедност, откако бугарскиот претседател, Румен Радев, за 10 јануари го свика Советот, со единствена точка на дневен ред – спорот со Македонија. Состанокот кај Радев на државниот врв на темата Македонија доаѓа непосредно пред изборот на нова влада во земјава, но и веднаш потоа најавената посета на новиот бугарски премиер, Кирил Петков, на Скопје што тој и самиот го потврди пред два дена.
„Јас плaнирам да ја посетам Македонија и да ја направиме новата рамка во тој, за нас, многу важен преговарачки процес“, изјави Петков (02.01.2022)
Состанокот на советодавното тело за национална безбедност на Бугарија освен што ќе треба да ги синхронизира и потврди официјалните позициите на Бугарија кон земјава на највисоко државно ниво, покажува и дека Радев по ова прашање не сака ништо да и препушти на случајноста и на слободно толкување на новата владеачка политичка гарнитура во Бугарија.
Во меѓувреме владеачката коалиција во Софија веќе почна да покажува дисонантни ставови по спорот околу Македонија, па додека премиерот Петков бара формирање на нови работни групи со земјава за побрзо затворање на прашањето, неговиот коалициски партнер Слави Трифунов од „Има таков народ“ бара САД да ги укине визите за Бугарите, а ЕУ да ја внесе Бугарија во Шенген зоната, за Софија да го тргне ветото за Македонија. Оваа изјава на Трифунов, не доби согласност од колициските партнери.
„Нашaта позиција е многу јасна по прашањето на Македонија. Имаме стратегија како разговорите да почнат да се водат на едно многу поинтензивно ниво и пошироко, а не само во насока на историското минато, кои ќе помогнат да ги приближиме позиции со почитување на Договорот добрососедство.А дали овие работи треба да се поврзуваат? Не. Овие работи не треба да се поврзуваат една со друга. За нас тоа се две различни теми“, изјави Ѓуров.
Од Демократска Бугарија се обид да го оправдаат и дообјаснат лидерот на „Има таков народ“, дека наводно бил ироничен и праќал порака до меѓународните партнери дека не може да бараат од неа, а да не и испорачуваат. Сепак, копретседавачот на Демократска Бугарија, Атанас Атанасов, вели дека предлогот на Трифунов не е прифалив за нив.
„Не може на таков начин да се поставуваат работите. Јас би рекол дека е тоа некаква иронија на начинот на кој тој го кажува тоа. Да не се повторувам – договорите мора да се исполнуваат и Бугарија мора да го заштити својот национален интерес“, изјави Атанасов.
По прашањето околу Македонија се огласија и двајца поранешни министри за надворешни работи на Бугарија. За Кристијан Вигенин оваа тема станува една од најголемите предизвици за Бугарија, при што е на став дека одржувањето широк политички договор е клучно за успешна одбрана на бугарскиот интерес. Според него токму Консултативниот совет за национална безбедност кој го свика Радев за Македонија е добра можност тоа да се направи.
„Секој збор е важен, затоа се надевам дека импровизираните изјави во прелиминарната фаза ќе бидат минимизирани за да не се создаде лажна претстава за пукнатини во бугарската позиција или меѓу коалициските партнери“, напиша на фејсбук Вигенин.
За Надежда Нејински, исто така поранешна шефица на бугарската дипломатија, смета дека меѓу двете земји постои простор за разговор и за изнаоѓање на решение кое би било прифатливо и за двете страни, а кое е содржасно во договорот за добрососедство.
„Сметам дека секакви егзотични идеи во моментот незавсно дали се со добри намери или не и даваат разногласие на бугарската позиција и ја ослабуваат“, Нејински.
И Нејински е на став дека Бугарија во моментов треба да покажува единство во позицијата по прашањето на Македонија.
Тамара Грнчароска











