Четири фирми и две физички лица се вклучени во нелегално складираниот отпад кај селото Орман, за чиј состав од спроведените анализи е утврдено дека е опасен зашто меѓу другите метали содржи и олово. Според директорот на Инспекторатот за животна средина, опасниот отпад потекнува од фирмата ТАБ МАК од Пробиштип, која го носела до „Рецикал Еко- Старт“ во Чучер Сандево.
Таа од него произведувала оловна паста што се враќала назад во ТАБ МАК преку фирмата Рецикал Еко- Трејд. А, фирмата САТУС го носела опасниот отпад на приватниот имот на двете физички лица.За „ТАБ МАК“ е предвидена парична казна од 88 илјади евра, а „ Рецикал Еко – Старт“ има рок за враќање на згурата во кругот на фирмата, забрана за работа, а ќе биде поведена и кривична постапка против неа.
Отпадот кој нелегално е складиран на приватен имот на две физички лица, кај селото Орман, навистина е опасен, утврдиле лабораториските анализи од земените примероци на тоа место и од кај компанијата Рецикал Еко- Старт, сместена во Чучер Сандево . Во опасниот отпад се пронајдени различни метали, меѓу кои и олово, кажа директорот на Инспекторатот за животна средина.
Олово имаме во едната анализа која што е земена од субјектот „ Рецикал Еко- Старт“. Во стопанскиот двор на „ Рецикал Еко- Старт“ имаме олово 9, 42%. Во местото Орман , од земените примероци, анализата покажа дека има олово 5, 19%, вели Сретен Стојковски, директор на Државниот инспекторат за животна средина.
Опасниот отпад бил депонирал на локацијата од крајот на минатата година, а потекнува од компанијата ТАБ МАК од Пробиштип, која произведува оловни акумулатори и поседува А- интегрирана дозвола. Нејзиниот отпад стигнувал до „Рецикал Еко- Старт“ , за третман за производство оловна паста.
„Рецикал Еко- Старт“ иако Државниот инспекторат не бил информирал, поставил опрема со која што од овој опасен отпад, со водена сепарација произведувал оловна паста и друг отпад. Таа иста оловна паста потоа ја враќал во „ТАБ МАК“ – Пробиштип преку другата фирма, Рецикал Еко- Трејд, кажа директорот Стојковски.
А, фирмата САТУС го транспортирала отпадот на приватниот имот на двете физички лица , за што имале склучено договор. Истражните органи треба да ги утврдат меѓусебните и сопственичките односи меѓу четирите фирми.
За „ТАБ МАК“ следува парична казна од 88 илјади евра, а „Рецикал Еко- Старт“ треба да го врати опасниот отпад во својот круг, во рок од 60 дена. Доби и забрана за работа од 90 дена додека не стигне измената од Министерството за животна средина на А- интегрираната дозвола што ја поседува. А, против неа ќе биде поведена и кривична постапка пред Јавното обвинителство зашто , како што кажа Стојковски, тоа и МВР покажале интерес за случајот.
Сотир Трајков











