Младите заслужуваат шанса според знаењето и талентот, а не според политиката и врските, обраќање на амбасадорката на САД Агелер на прославата „20 години ДКСК“
Амбасадорката на САД Анџела Прајс Агелер со серија пораки пред политичкиот етсаблишмент на прославата на „20 години ДКСК“ најави активно учество со граѓаните во борба против корупцијата, а во своето обраќање нагласи дека постојано слушаат и читаат за корупциски афери. Дел од пораките Агелер ги упати на македонски јазик.
Мора да се смени културата, а за тоа треба и политичка воља, рече Агелер и нагласи дека борбата против корупцијата е во интерес на сите, но најмногу за младите кои поради корупцијата ја напуштаат државата.
-На младите луѓе им треба, а тие и заслужуваат држава која ќе го цени успехот врз основа на талентот и трудот, а не врз основа на политиката или на лични познанство. Промена на ваквата траекторија бара промена во културата. Таа не е никаде позначајна и поочигледна од промена во политичката култура и политичката волја, рече амбасадорката на САД во државата, Анџела Агелер.
-Тие мора да се залагаат за систем кој е транспарентен од почеток до крај и кој гради долгорочна средина на добро владеење што ќе опстојува без разлика кој е на власт, продолжи Агеле, но на македонски јазик.
-Беше точно пренесено, како што самата слушнав, дека јас борбата против корупција во државата ќе ја направам приоритет на амбасадата на САД во Скопје. Тоа е точно. Но, исто така е точно и најважно е дека Вие, народот на оваа држава мора да ја водите оваа борба. А САД ќе бидат тука за да го поддржат секој таков напор. Но тоа е Ваш избор и убедена сум дека ние заедно можеме да направиме фундаментални промени во борбата против канцерот на корупцијата, истакна Агелер, која подвлече дека пријателството значи и искреност за тешки прашања, во тешки моменти.
Обраќањето на Агелер во живо го гледаа и слушаа претседателот Стево Пендаровски, собранискиот спикер Талат Џафери, вицепремиерката за транспарентност Славица Грковска, министерот за правда Никола Тупанчевски.
Свое обраќање и барање на подршка за борбата против корупцијата имаше и претседателката на ДКСК Билјана Ивановска, а покрај актуелните членови на Антикорупциската комисија, меѓу гостите и говорниците беа поранешни претседатели и членови на комисијата форирана пред две децении.
Амбасадорката на САД не посочи конкретно ниту една афера од актуелните кои се развиваат и ја тресат јавноста.











