Критики за мешање во правосудството, недостаток на кадар и услови. Има ли волја кај другите две власти да и овозможат финансиска автономија и суштинска независност на судската?
Кои закони од реформската агенда договорена со ЕУ за правосудството се „трн во очи“ за власта?
Зошто и по две години од спорните измени на Кривичниот законик со кои се спасија функционери и застареа десетици предмети сè уште важат ниските казни?
Во вечерашната Топ Тема дебатираат Јелена Кадриќ, „Институт за човекови права“, Ѕвонко Давидовиќ, адвокат и Дарко Аврамовски, Коалиција „Сите за правично судење“.
„Срамно е да зборуваме дали треба или не треба волку да се одвои според довербата. Ако е според довербата цениме, ниеден од функционирите, тргнувајќи од извршната, па и законодавната власт не смее да земе плата“ изјави адвокатот Ѕвонко Давидовиќ.
Еден е законот за судски буџет, а друг е закон за плати на судиите, и истите немаат врска меѓусебно oбјасни адвокатот. Покрај слабото познавање на законите и нивната примена, Давидовиќ се осврна и на условите во кои судиите работат, но и ресурсите со кои располагаат.
И според апсолутната вредност на буџетот и според процентот на БДП, и како издаток на глава по жител Македонија е меѓу последните 5-6 држави во Европа по најмали буџетски средства кои се оделуваат за судскиот систем, како и платите на судиите и јавните обвинители кои се меѓу пониските во споредба со другите земји во Европа објасни Аврамовски од Коалиција „Сите за правично судење“.
„Согласно нашите домашни закони, кои ги има донесено нашата сопствена држава, треба да се одвојуваат 0,8, односно 0,4 отсто за судовите и јавното обвинителство. Прашањето дали државата ќе го обезбеди тој буџет е прашање на принцип, и прашање на владеење на право. Не е прашање на лични ставови и перцепции. Доколку влада, односно државата смета дека треба да се направат определени измени во таа насока, најнапред треба да биде променет законот“, изјави Дарко Аврамовски од Коалиција „Сите за правично судење“ во вечерашната Топ Тема.
Tој додава дека токму буџетот кој недоставува е оној кој би бил наменет за усовршување, опрема, технологија, обуки кои би влијаел многу врз перформансот на судството.











