Директорот на „Водовод“ денес ги попречувал работниците да се организираат синдикално и да донесат одлука за штрајк. Овие обвинувања ги изнесоа од синдикалната група во претпријатието и тоа го посочија како главна причина зошто сѐ уште не можат да донесат дефинитивна одлука – како ќе делуваат. Во меѓувреме, екипите и денес се на терен, поправаат пукнати цевки и редовно ги извршуваат обврските, очекувајќи нови инструкции од синдикалното раководство.
„Во текот на денешниот ден требаше да се одржи состанок на органите и телата на синдикалната организација при ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје, меѓутоа членовите на тие органи, на разни начини се оневозможени да присуствуваат на тој состанок. Од таа причина, состанокот ќе се одржи или денес во попладневните часови или најдоцна во текот на утрешниот ден. Оневозможени се недавајќи им пропусници, недозволувајќи им да го напуштат своето работно место“, изјави Стојанче Кашиковски, претседател на синдикалната организација при „Водовод и канализација“ – Скопје
Вчера синдикатите извадија пресуда од пред три децении, а денес побараа актуелниот директор да биде претресуван пред да влезе во зградата на „Водовод“. Работниците стравувале дека директорот може да носи и нож на работа.
„До нас и до Сојузот на синдикатите на Македонија стигнаа повеќе поплаки од вработени во ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје, кои се загрижени за својата безбедност. За таа цел, Сојузот на синдикати упати еден апел односно барање до Град Скопје. Директорот, при влегување во работните простории на јавното претпријатие да биде проверен сѐ со цел да се осигураме дека тој со себе не носи некое ладно оружје“, додава Кашиковски.
Сојузот на синдикати вчера со новинарите ја подели пресудата од пред речиси три децении, каде што пишува дека в.д. директорот на „Водовод“, Митовски, бил осуден за нанесување повреди со нож во кафеанска тепачка. Осуден на парична казна од 20.000 денари, а откако не платил, издржал 20 дена затвор, тврдат од ССМ.
Директорот засега не го коментира тоа, а претходно негираше дека бил во затвор и обвини дека против него се бунтуваат привилегирани вработени на „Водовод “ земале големи плати за неработење. Синдикатите него го обвинуваат за притисоци, најави за нова систематизација и за отпуштање на вработени.
Петар Догов











