Полициjaта во Црна Гора ги повика граѓаните да пријават кај нив доколку имаат какви било информации за Андреј Танасковски од Македонија, кој се бара за обид за убиство на Марко Љубиша, познат како Кан.

Воедно, тие во повикот ги предупредупредуваат граѓаните дека по јавното соопштение, секое дејствие или свесно прикривање на информации за движењето или престојот на Македонецот е кривично дело.
„Полициската управа, по идентификувањето и гонењето на осомничениот сторител на кривично дело обид за убиство – А.Т. (18), државјанин на Северна Македонија, кој избегал вооружен, ги повикува граѓаните веднаш, доколку имаат сознанија дека тој изнајмил сместување или на друг начин престојува во објекти на територијата на Црна Гора, да достават информации за ова лице до најблиската полициска станица, преку дежурниот број 122 или анонимно на бројот 19969.

Упатуваме предупредување и апел до граѓаните дека од овој момент, кога јавно објавивме дека сторител на кривичното дело е А.Т., секое понатамошно дејствие или свесно прикривање на информации за движењето или престојот на ова лице, вклучително и обезбедување услуги за сместување, може да претставува кривично дело помагање на сторителот по извршувањето на кривичното дело, што подлежи на законска одговорност“, се вели во полициското соопштение, кое го објави црногорскиот портал „Vijesti“.











