,,Сакаме правда! Затвор за Васил! Крвави ви се рацете!“. Со овие зборови граѓаните денеска протестираа поради прегазувањето на 22-годишната Фросина Кулакова која го изгуби животот, кога 20-годишниот Васил Јованов ја прегази на булеварот ,,Партизански одреди“ во центарот на градот.
Тие протестот го почнаа во 13 часот на местото каде таа загина, а продолжија кон собранието и обвинителството и се задржаа пред Кривичниот суд.
На транспарентите пишуваше ,,Нема да застанеме“, „Треба да се плашите,“ ,,Силата е во младите“, извикувајќи ги истите во знак на протест.
Тие пред камерата на Телма изјавија дека не се чувствуваат безбедно, дека се бесни и побараа да се осуди сторителот.
„Каква и да е казната за Васил, некогаш тој ќе излезе од затворот, а мајката на Фросина ќе жали за загубеното дете“, низ солзи изјави една повозрасна жена.
Сите граѓани ја повикаа полицијата да биде присутна на главните булевари и да следи како се вози, затоа што „Партизанска“ стана „улица на смртта“.














