Исто е ама не е исто. Вака може да се толкува изјавата на првиот вицепремиер, Изет Меџити, кој коментирајќи ги скандирањата на кошаркарскиот натпревар во Куманово и на фудбалскиот натревар во Скопје, каде на првиот имаше говор на омраза кон Албанците, а на вториот иредентистички скандирања против Македонија, рече дека владата ги осудила сите повици за ксенофобија, расизам, но тој смета дека меѓу скандирањата на двата натпревари кои се кривично дело според закон, постои разлика.
„Имаше разлика. Во Куманово беа антиалбански настроени. Не ги оправдувам ни и другите, но не беа антимакедонски настроени“, изјави Меџити.
Иако декларативно првиот вицепремеир е за почитување на различнистори и меѓусебно почитување, сепак за експресната условна затворска казна од две години и протерувањето со забрана за влез во земјава од пет години за германскиот државјанин кој пред фудбалскиот натпревар на „Шкендија“ во Скопје веел знамиња на „Голема Албанија“ и со натпис „Автохтона“, за што од полицијата добил пријава по Член 319 од Кривичниот законик – за предизвикување омраза, раздор или нетрпеливост врз национална, расна, верска и друга дискриминаторска основа, Меџити со коментар дека судството малку претерало.
„Мислам дека судството, кога треба не делуваат, кога не треба претеруваат, како во овој случај. Но ние го повикуваме судството да придонесе за меѓуетничките односи, а да не ги загрозува“, изјави Меџити.
Од Јавното обвинителств пак за Телма денеска информираат дека согласно надлежностите на полицијата дадени се насоки на МВР за идентификување на сторителите чие скандирање на фудбалскиот натпревар во Скопје е казниво со закон. За тие кои скандирале говор на омраза во Куманово, Обвинителството се уште чека пријава од МВР иако уште во вторникот полицијата информираше дека на службен разговор биле повикани неколку лица, со најава и за поднесување на кривична пријава против нив.
Од МВР за Телма на прашањето до каде е процесуирањето на инцидентите и тој од кумановскиот и тој од скопскиот натпревар, со одговор дека се преземат мерки за расчистување на случаите.
Тамара Грнчароска











