Мигрантски кампови во Македонија во замена за кредит од шест милијарди фунти од Владата на Велика Британија. Дезинформација или вистина. И по шест месеци од појавувањето на оваа вест, на почетокот срамежливо а потоа се погласно и по потреба, проверувачите на факти не можат недвосмислено да пресечат дека станува збор за вистина или дезинформација. Отсуството на транспарентност и отсуството на увид во стратешкиот договор е клучот за да се дознае вистината – дали во Македонија ќе има прифатни центри за баратели на азил кои се одбиени во Велика Британија и дали тоа е клучот за да се добијат неопходните шест милијарди британски фунти заем.
Клучно е да се спомене дека мигрантите како тема не се ништо ново ниту непознато кога станува збор за Македонија, Западен Балкан и ЕУ и често таа тема се (зло)употребува по потреба од политички партии.
Темата кампови за мигранти може да се подели во два периоди, непосредно по потпишувањето на Договорот за стратешко партнерство меѓу Македонија и Велика Британија, во мај годинава и вториот период кога повторно темата стана актуелна а тоа е меѓу двата изборни кругови па се до денес.
Разликата во двата периоди е во застапеноста на темата во јавноста и агресивното искористување за политички поени.
На 15 мај 2025 година британскиот премиер Кир Страмер допатува во Тирана, Албанија кае што се одржуваше шестиот самит на Европската политичка заедница а каде го пречека неговиот колега Еди Рама со кого имаше тет-а-тет средба. Во Тирана е присутен и македонскиот премиер Христијан Мицкоски кој исто така на 15 мај ќе има средба со британскиот премиер Кир Страмер. На средбата со Страмер, Рама ја одбива понудата за отворање на центри за одбиени баратели на азил бидејќи веќе има таков договор со Италија. Истиот ден британскиот весник „The Times“ ја отвора темата мигранти во замена за пари.

Фото: Принтскрин / „The Times“
Во сторијата на новинарот Стивен Свинфорд стои дека премиерот Страмер преговара со девет држави за отворање на т.н. „return hub“ или мигрантски центри во буквален превод. Како извори наведува „неколку британски министри“.

Фото: Принтскрин Х/Stewen_Swinford
„Потенцијалните партнери би можеле да ги вклучат Албанија, Србија, Босна и Северна Македонија, при што секој договор ќе бара од Велика Британија да плати за секој преместен барател на азил“, пишува Свинфорд на мрежата „ИКС“.
„The Guardian“ и „BBC“ исто така ја пласираат сторијата повикувајќи се на Тајмс а во Тирана, премиерот Страмер во одговор на новинарско прашање нема да прецизира со кои држави се преговара.
„Велика Британија отвори формални разговори за испраќање на одбиени баратели на азил во центри за притвор во странство. Владата сака да ги испрати одбиените баратели на азил во „центри за враќање“ во странство откако ќе ги исцрпат сите можности за жалба. Тоа би можело да биде дел од „штитот“ на Велика Британија во справувањето со нелегалната миграција. Број 10 (Кир Страмер н.з.) не прецизираше со кои земји започнал разговори, но „Тајмс“ претходно откри дека министрите разгледуваат центри во Западен Балкан. Потенцијални партнери би можеле да бидат Албанија, Србија, Босна и Северна Македонија, при што секој договор бара од Велика Британија да плати за секој барател на азил кој е преместен“, пишува „Гардијан“.

Фото: Принтскрин / „The Guardian“
Веста се шири многу брзо и за помалку од 24 часа пристига и во државите во регионот за кои се тврди дека ќе прифаќаат мигранти и за возврат ќе добиваат пари.
Во Македонија во голем дел од медиумите се пренесуваат пишувањата на британските медиуми но фокусот е на договорот за стратешко партнерство и демантот кој го испрати владејачката ВМРО – ДПМНЕ.
На социјалната мрежа „Фејсбук“ се појавува и пост во кој се тврди дека Македонија ќе прифати мигранти и ќе гради кампови, се споделува и е наметнува како тема на социјалната мрежа. Лицето Герасим Лазов е висок партиски функционер во опозициската СДСМ.
Истиот ден на официјалниот сајт на Владата на Велика Британија (https://www.gov.uk/government/news/pm-meeting-with-prime-minister-mickoski-of-north-macedonia-16-may-2025) е поставено соопштение во кое се објаснува дел од стратешкиот договор но никаде не се споменуваат мигрантски кампови, одбиени азиланти и бегалци кои треба да бидат примени во Македонија.
Веќе на 17 мај во прес центарот на Владата се одржува заедничка прес-конференција на премиерот Христијан Мицкоски и амбасадорот на Велика Британија во Македонија, Метју Лосон. На прес конференцијата присуствуваат и неколку министри во Владата.
На новинарско прашање, амбасадорот Лосон демантира дека стратешкото партнерство предвидува изградба на кампови за мигранти во Македонија и нивно прифаќање.

Фото: Принтскрин / You Tube@Vlada_MK
„Драго ми е што како дел од договорот кој ќе се потпише земјата се согласи дека ќе се приклучи кон заедничката мисија во однос на мигрантите но тоа се однесува во однос на полициските сили кои ќе работат заедно, соочување со криминалните банди, подобра размена на разузнавачки информации. Сосема друга приказна е тоа што се зборува дека ќе се прифаќаат мигранти. Не се работи за тоа. Сакам да бидам јасен во тој дел. Она на што се договоривме е дека ова е широко партнерство во однос на безбедноста трговијата, одбраната, образованието и инвестиции. Знам дека има многу шпекулации во британските медиуми“, изјави Лосон на 17 мај во прес центарот на Владата.
Со оглед на фактот дека првичниот извор на информацијата за мигрантски кампови во Македонија е британски медиум, безбедносните служби во Македонија се фокусираат на тоа како ќе се шири информацијата кај домашната јавност и преку кого.
„Ние немавме информации дека ќе се градат бегалски кампови. Ниту пак сега имаме. Мигрантите се тема која многу често се користи за да се изврши притисок врз власта и да се креира немир кај граѓаните. Јавноста е многу сензитивна кога станува збор за мигранти. Македонија мина низ две мигрантски кризи во 1999 и во 2015 година кои оставија длабоки траги и демографски промени. Денес особено по случувањата со мигрантите во ЕУ и наративот на американскиот претседател Доналд Трамп, темата мигрантски кампови е одлично оружје за креирање нестабилност и параноја. Нашата анализа покажа дека по ова прашање детектираните руски канали за ширење на дезинформации, луѓе и интернет страници се невообичаено мирни и тивки“, вели нашиот соговорник од безбедносните служби чиј идентитет нема да го откриеме.
На 22 мај во Лондон вицепремиерот Александар Николовски и британскиот министер за трговија и извоз Гарет Томас ќе го потпишат Договорот за стратешко партнерство.

Фото: Влада на РС Македонија
На церемонијата во своите обраќања ниту Томас ниту Николовски ќе потврдат или воопшто ќе споменат дека постои договор за изградба на кампови за мигранти во Македонија.
Во периодот кој следи до крајот на месецот мај, медиумите во Македонија ја обработуваат темата за мигрантски кампови во Македонија како дел од стратешкиот договор во Велика Британија. Анализата на известувањето во периодот од 22 до 30 мај покажува дека огромен дел од медиумите во Македонија во своите прилози и текстови објавуваат деманти на Владата или пак на амбасадата на Велика Британија, дел од нив и анализираат дали станува збор за дезинформација со теза дека најверојатно е дезинформација
Неколку портали како што се Антропол – близок до опозициската партија „Левица“ и про опозицискиот „Инфомакс“ ја форсираат тезата дека ја туркаа тезата дека ќе се отвораат мигрантски кампови преку сугестивни наслови, колумни и интерпретации на договорот без да го поседуваат договорот. Голем дел од медиумите како и оние кои се занимаваат со проверка на факти заклучија дека станува збор за политичко-медиумска конструкција базирана на дебати во Велика Британија за т.н. „return hub’s“ кои се погрешно поврзани со финансискиот дел од стратешкиот договор меѓу Македонија и Велика Британија.
„Вистиномер“ е специјализиран сајт за проверка на факти во кој работат докажани новинари и аналитичари и е меѓу првите кои ќе се обидат да утврдат дали станува збор за дезинформација или вистина. Тие веќе ги следеле настаните во Албанија и договорот со Италија за прифаќање на мигранти и се добро запознаени со темата. До Владата се поставени директни прашања на кои добиваат директни одговори.
„Плашењето со мигранти е итекако присутна во целата сфера со дезинформации. Често имаме анти ЕУ наративи поврзани со мигрантите. Случајот го следиме од самиот почеток уште кога се потпиша стратешкиот договор, можеби и малку пред тоа, бидејќи го следевме процесот и во Албанија која ги прифати мигрантите од Италија и имаше многу дезинформации дека истото што се случува во Албанија ќе се случува и во Македонија. Тие дезинформации беа поврзани. Најчесто тоа беше на социјалните мрежи каде дезинформациите ги пласираа најразлични индивидуи и страници каде што не може често да се открие идентитетот. Во мај се потпиша договорот, пративме допис и ни одговорија од Владата дека во целост ги демантираат тврдењата дека договорот вклучува правење на мигрантски кампови и прифаќање на мигранти. Никој не презема обврска доколку не сака дека мора да има мигранти. Немаше други информации во тој период“, изјави Деспина Ковачевска од „Вистиномер“.
Проверувачите на факти го затвораат случајот како дезинформација.
Темата „мигрантски кампови во Македонија“ ќе стивне уште на почетокот на наредниот месец – месецот јуни. Така ќе остане се до периодот меѓу двата изборни круга на локалните избори кои се одржаа на 19 октомври односно 2 ноември. Прашањето за отворање на мигрантските кампови повторно ќе се стане актуелно поради честите прес конференции на најголемата опозициска партија СДСМ каде се говори на таа тема.

Фото: СДСМ/Венко Филипче
На 5 декември 2025 година, британскиот „Тајмс“ објавува текст со наслов „Барателите на азил кои не се одобрени би можеле да бидат депортирани во Северна Македонија“. Во текстот стои дека „Велика Британија ќе ѝ плаќа на Северна Македонија за секој мигрант што ќе го прифати“ како и дека дознаваат дека „Северна Македонија официјално започна преговори со Велика Британија претходно на есен“. Во текстот на „Тајмс“ стои и дека тие нема да бидат сместени во кампови и дека ќе може слободно да се движат низ државата како и дека може да бараат азил во Македонија или работна виза за секторите кои се дефицитарни со работна сила.

Фото: Принтскрин / „The Times“
Во овој текст сумата не е наведена а според други британски медиуми станува збор за 20 илјади фунти од прифатен азилант кој бил одбиен во велика Британија. Извори како поткрепа на тврдењата не се наведени како што беше случајот со првиот текст на 15 мај кога како извори беа наведени „неколку британски министри“.
Текстот ќе започне лавина од реакции во домашната јавноста и кај политичките партии.
Доцна вечерта на 5 декември амбасадата на Велика Британија во Македонија, во објава на својата официјална страна на социјалната мрежа „Фејсбук“ ќе повтори дека Македонија и Велика Британија имаат воспоставено стратешко партнерство со цел да се зајакне стабилноста и просперитетот во двете земји и за реализација на критични инфраструктурни проекти во Македонија.

Фото: Принтскрин / Facebook UKinNorthMacedonia
„Дополнително, двете земји соработуваат преку Заедничката работна група за миграција за борба против нерегуларната миграција и организираниот имиграциски криминал, зајакнување на безбедноста и справување со криминалните мрежи“, стои во објавата.
Конкретен и официјален демант на пишувањата на „Тајмс“ нема.
Опозициската СДСМ обвинува за предавство, владејачката ВМРО – ДПМНЕ демантира дека во Македонија ќе се градат мигрантски кампови или дека ќе прифаќа мигранти за пари. Од Владата нема официјално соопштение дека станува збор за дезинформации или невистини, а премиерот Мицкоски, високи владини и високи партиски претставници секојдневно демантираат отворање на мигрантски кампови во Македонија.
На 9 декември премиерот Христијан Мицкоски децидно ќе изјави дека во Македонија нема да има мигрантски кампови и илегални мигранти.

Фото: Принтскрин / Телевизија Телма
„Со индигнација ги отфрлам шпекулациите дека апсолутно планираме било какви кампови на илегални мигранти да правиме. Да дојдеме до суштината на тоа што беше во британските медиуми. Неуспешни апликанти за азил да ги праќаат во трети земји. Да кажам јасно и гласно пред македонската јавноста таква тема не е разговарана и доколку се разговара исто така ќе биде одбиена од наша страна. Додека јас сум премиер нема да никне ниту еден шатор во кој ќе бидат сместени илегални мигранти и нема да примиме ниту еден илегален мигрант“, кажа премиерот Мицкоски.
Во последната фаза на сцена стапуваат резолуциите. Прво опозициската СДСМ а потоа и владејачката коалиција составена од ВМРО – ДПМНЕ, „Вреди“ и „ЗНАМ“.
СДСМ ќе ја објават својата резолуција први а во неа бараат да запре каков било прием на мигранти особено од трети земји, како што се потенцијалните мигранти од Велика Британија и да се определи јасна државна политика против ваков прием. СДСМ ќе побараат резолуцијата да ја поддржат сите активни политички чинители што нема да се случи.
Набрзо и владејачкото мнозинство ќе достави своја резолуција во Собранието и ќе ја изгласа а во неа се осудува „манипулацијата и паниката“ која ја шири опозицијата и се потврдуваат државните политички принципи против нелегална миграција.
За проверувачите на факти резолуциите на се официјални документи и тие не може да се земат како основа при правење на проверки дали некоја информација е вистина или дезинформација.
„Ние не можеме да се повикаме на партија како извор. Факт чекинг на политичари не правиме. Тоа е една од методологиите. Ние може да работиме на факт чекинг на изјавите на премиерот и тоа се вика контра спин и е различно. Ние може да се повикаме на резолуциите и да направиме контра спин ама дека тоа може да го направиме како дали е дезинформација или не, не можеме. Ние некогаш се повикуваме на соопштенија на партии не за проверка на факти туку за да кажеме кој е нивниот став и тоа е за контра спин“, објаснува Ковачевска.
Според Ковачевска, само транспарентноста може да стави крај на шпекулациите по ова прашање а под транспарентност се подразбира објавување на договорот за стратешко партнерство со Велика Британија со што јавноста ќе може да се увери дека во Македонија нема или ќе се градат кампови за прифаќање на одбиени баратели на азил.
„Ако имаме затворен договор кој не сме го виделе, имаме институции од кои немаме одговор и добиваме само соопштенија од партии, кои не само ние како факт чекери туку сите медиуми ги добиваме, не можеме да провериме што е тоа и тука може да зборуваме дека генерално проблемот е транспарентноста на нашата Влада и нема како да ја провериме оваа информација. Бидејќи го немаме договорот ние можеме да напишеме дека премиерот тврди ова, медиумите ова, опозицијата ова, тука нема факт чекинг, туку новинарство. Сè додека ние го немаме договорот и официјален извор кој вели дека нема да има ние не може да провериме. Последниот пат кога ја прашавме Владата ние добивме одговор дека стратешкото партнерство не предвидува прифаќање на мигранти“, заклучува Ковачевска.
Објавувањето на стратешкиот договор нема да се случи пред сè поради доверливи информации и планови, како во трговскиот и финансискиот сектор така и во безбедносниот.
„Овие документи не може да се анонимизираат. Овие документи содржат круцијални информации и затоа е ограничен и пристапот до овој тип на документи и овој договор конкретно. И во минатото имаше обиди (Бехтел и Енка н.з) па не беа објавени а кога се сменија улогите на политичката сцена договорот остана тајна за пошироката јавноста. Во ваквите договори има планови и стратегии кои доколку ги дознае трета страна може да направат сериозна штета на долгорочен план“, вели соговорникот од безбедносните служби.
Во недостаток на јавно достапен договор за стратешко партнерство и анализа на делот во соработката на полето нелегална миграција засега не може официјално да се заклучи дали станува збор за дезинформација податокот дека во Македонија ќе се отвораат мигрантски кампови за одбиените баратели на азил од трети земји во Велика Британија.
Огнен Чанчаревиќ












