Вчитување реклама ...
Generic selectors
Exact matches only
Search in title
Search in content
Post Type Selectors

Новиот закон за Судски Совет бил прекршен бидејќи пошта за избор била испратена во кабинетот на премиерот наместо во Советот за соработка со НВО, алармира Блупринт групата

/

пред 244 дена

Сподели преку :

Блупринт групата за реформи во правосудството изразува сериозна загриженост за постапувањето на Владата на РСМ во врска со изборот на претставник во работната група за прелиминарна селекција на кандидати за член на Судскиот совет на Република Северна Македонија.

-Согласно одредбите од новиот Закон за Судскиот совет  постапката за избор на членови на Советот кои ги избира Собранието започнува со објавување јавен оглас, по што Комисијата за прашања на изборите и именувањата формира работна група за прелиминарна селекција. Законот јасно предвидува дека еден член на оваа работна група треба да биде предложен од граѓанскиот сектор од областа на владеењето на правото и правосудството, преку Советот за соработка меѓу Владата на РСМ и граѓанското општество, како единствено законски надлежно тело за таа намена, велат од Блупринт групата за реформи во правосудството.

Наведуваат дека „во конкретниот случај, дописот од Собранието иако бил уредно доставен до Владата на Република Северна Македонија, во рамки на внатрешната распределба не бил проследен до Советот за соработка, туку до Кабинетот на претседателот на Владата, од каде што е извршена номинација на претставник.“

-Ваквата постапка не е предвидена со новиот Закон за Судскиот совет и претставува директно заобиколување на законски утврдениот механизам за вклучување на граѓанските организации. Со ова сериозно се проблематизира усогласеноста на постапката со законските одредби, а воедно станува невозможно да се испочитува Деловникот на Советот за соработка и принципите на транспарентност и инклузивност. Дополнително, се создава опасен преседан Владата дискреционо да одлучува кој ќе ги претставува граѓанските организации, спротивно на јасната законска рамка, алармираат од Блупринт.

Групата потсетува дека новиот Закон за Судскиот совет беше донесен во декември 2025 година со јасна цел: да се отстранат утврдените слабости од претходниот закон, да се имплементираат препораките од Оценската мисија за функционирањето на Судскиот совет и да се обезбеди транспарентен, инклузивен и на заслуги заснован процес за избор на членови на Советот.

Блупринт групата апелира институциите да постапуваат со максимална одговорност, почитувајќи ги највисоките стандарди на независност и јавност, како дел од напорите за изградба на стабилен, професионален и независен правосуден систем.

-Доколку не биде постапено согласно законските одредби, може да настанат сериозни импликации врз владеењето на правото, улогата на Советот за соработка и кредибилитетот на новите законски решенија кои предвидуваат вклученост на граѓанските организации, стои во соопштението.

-Почитувањето на законите и утврдените постапки мора да биде единствен императив доколку навистина се стремиме кон независен, професионален и кредибилен судски систем. Довербата во правната држава се гради преку доследни и транспарентни постапки, особено кога се однесуваат на највисоките функции во правосудството, велат од Блупринт групата за реформи во правосудството, во која членуваат Институт за европска политика (ЕПИ), Институт за човекови права (ИЧП), Коалиција „Сите за правично судење“ (КСПС), Македонско здружение на млади правници (МЗМП), Хелсиншки комитет за човекови права (ХКЧП) и Центар за правни истражувања и анализи (ЦПИА).