Вчитување реклама ...
Generic selectors
Exact matches only
Search in title
Search in content
Post Type Selectors

Остатоци од запалена гума кај пожарот до Смилковци-  истрагата утврдува дали пожарот е подметнат, казните за намерно предизвикување шумски пожар се најмалку 8 години затвор

/

пред 466 дена

Сподели преку :

Фотографија на остатоци од запалена гума е снимена на местото каде вчера се појави пожарот кај Смилковци, велат од Дирекцијата за заштита и спасување за Телма. Сомнежите дека пожарот бил подметнат ги пријавил и очевидец кој на полицијата и тврдел дека видел човек како го подметнува.

-Притоа, на местото каде се појавил пожарот е најдена, откриена, надворешна гума која до половина е изгорена, изјави Стојанче Ангелов, директорот на ДЗС, ноќеска кога беше изгаснат пожарот кај смилковско езеро.

И министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, на прес конференцијата по состанокот на кризниот штаб посочи дека има сомнежи за сценарио односно за подметнати пожари бидејќи е утврдено дека на места каде се локализирани или ставени под контрола големи пожари, во близина повторно се појавуваат огнени жаришта.

Сите информации се проверуваат и се истражуваат и досега не се потврдени. Приведени се две лица, едно за предизвикување на пожар на тревник во населбата Ѓорче Петров и второто за пожарот на депонијата во Визбегово/Шутка односно лице кое било дел од управувачките структури на фирмата сопственик на отпадот кој гореше и цел ден го гушеше Скопје.

Запалени гуми како пракса за предизвикување пожари се спомнуваат при активности на таканаречената шумска мафија односно на дрвокрадци.

Гумите се полеваат со бензин, се палат и се пуштаат од ридови или повисоки места, а додека се тркалаат кон подножјето може да предизвикаат пожари или оган на шумските дрва.

Дрвокрадците ова го прават, со цел, подоцна опожарените шумски дрва да ги купат поевтино бидејќи така е предвидено со законите и со правилниците. На тој начин, заработката им е поголема и се легализира.

И покрај раширената пракса, ретки се судски случаи со вакви ситуации или со подметнување на пожари пред се со гуми. Во кривичниот законик постои дело „Предизвикување на шумски пожар“ во член 277 со кој се предвидени високи казни кои немаат законски предвиден максимум што значи може да се движат до 20 години.

За кривично дело „предизвикување шумски пожар“ поради кој ќе настапи штета од големи размери предвидена е минимална казна од 8 години затвор, а доколку исто лице предизвика два или повеќе големи шумски пожари, минималната казна е повисока и изнесува 10 години затвор.

За предизвикување шумски пожар од небрежност, предвидени се пониски казни од 3 до 5 години затвор.

Но, многу често, во судската пракса предизвикувањето на пожарите во шумски или други предели, не се гонат за ова конкретно дело туку за „предизвикување општа опасност“ за кое се предвидени пониски казни.

Во интернет судската архива на sud.mk, Телма пронајде само еден судски предмет за дело „предизвикување шумски пожар“, а станува збор за случај од август 2021-ва. Обвинети биле двајца државјани на Албанија кои работеле како дрвосечачи, а кои грееле јадење на плински сад боца пред колибата каде преспивале и ја заборавиле боцата на сонце кога тргнале во шумата.

Боцата експлодирала и предизвикала пожар во кој биле уништени или оштетени 50 илјади квадратни метри (5 хектари) шума во државна сопственост. Обвинетите биле гонети за дело сторено во небрежност за кое како што наведовме предвидена е затворска казна меѓу 3 и 5 години.

Но, дебарскиот суд ги осудил двајцата на условна затворска казна од една година која би ја одлежале доколку сторат ново кривично дело во рок од 3 години. Дополнително, за штетата од пожарот во вредност од околу 126 илјади евра, судот го упатил ЈП Национални шуми на граѓанска судска постапка.

Миомир Серафиновиќ