Вчитување реклама ...
Generic selectors
Exact matches only
Search in title
Search in content
Post Type Selectors

Победа на независните – Уставниот суд ги укина спорните членови од Изборниот законик за кандидирање на независни листи

/

пред 517 дена

Сподели преку :

Уставниот суд ги укина членовите 17 и 18 од Законот за измеа и дополнување на Изборниот законик, донесен лани во март, со кои независните листи и кандидати, особено во поголемите општини, добија зголемување на  прагот за собирање потписи од избирачи за да учествуваат на избори.

Со тие измени, бројот на граѓански потписи се смени од најмалку илјада на 1% со што речиси се оневозможи кандидирање на независни кандидати на парламентарни избори (потребни над 3 илјада потписи за незаввисна кандидатура) и на изборите во град Скопје ( потребни минимум 4.600 потписи или 4 и пол пати повеќе од претходниот услов).

Законските одредби, за кои Уставниот суд поведе постапка, значеа дека независните кандидати и листи за да се најдат на гласачко ливче, треба да соберат потписи од еден отсто од вкупниот број гласачи запишани во конкретната изборна единица за парламентарни избори или еден процент во општина за локални избори.

Уставните судии, гласаа по мислењето на судијата известител кој изрази сомнеж дека со законските измени се повредени темелните вредности на Уставот, правната сигурност и предвидливост, начелото на владеењето на правото и е нарушен политичкиот плурализам како темелна вредност на уставниот поредок на државата. На денешната седница не беше присутна судијката Елизабета Дукоска чиј избор беше поништен од страна на Управниот суд.

Иницијативата за испитување на уставноста на сменетите одредби ја поднесоа Лилјана Поповска и други претстваници на независните листи кои се кандидираа на локалните избори во 2021-ва.

Со укинувањето, одредбите во членовите 61 и 62 во Изборниот законик престануваат да постојат. Според едни правни толкувања ќе мора да се донесат нови законски одредби кои ќе го регулираат кандидирањето на независните листи. Други правници пак толкуваат дека со укинувањето ќе се вратат во сила, старите одредби каде беше определено илјада потписи за независни кандидатури.

Спорните измени беа изгласани лани во март и требаше да важат за локалните избори чиј термин е оваа есен.

Повеќе медиуми објавија дека се укинати членовите 17 и 18 од Изборниот законик со кој се регулира постоењето на Државната Изборна комисија и другите изборни органи, но всушност се укинати членовите со исти броеви 17 и 18 од Законот за измеување и дополнување на Изборниот законик од март 2024-та, со кои беа направени суштински измени на членовите 61 и 62 од Изборниот законик.

Во продолжение укинатите одредби од Изборниот законик:

Подносител на листа на кандидати за пратеници со собрани потписи

Член 61

(1) Кога подносител на листа на кандидати за пратеници е група избирачи, е потребно да се соберат најмалку 1% потписи од запишаните избирачи во изводот на Избирачкиот список на изборната единица.

(2) Кога подносител на листа на кандидати за пратеници е група избирачи од изборните единици за гласање во странство потребно е да се соберат најмалку 1.000 потписи од запишаните избирачи во изводот од Избирачкиот список за тие изборни единици пред службените лица на ДКП, односно конзуларните канцеларии на образец пропишан од Државната изборна комисија.

Подносител на листа на кандидати за членови на совет и

градоначалник со собрани потписи

 Член 62

Кога подносител на листа на кандидати за членови на Совет, односно листа на кандидат за градоначалник е група избирачи, е потребно да се соберат најмалку 1% потписи од запишаните избирачи во изводот од Избирачкиот список за општината, односно Градот Скопје.

Миомир Серафиновиќ