Пред неполни три месеци си замина од пратеничките редови, а на почетокот на август Салим Сулејмани е назначен за специјален пратеник на владата на РСМ во земјите на Арапскиот (Аденскиот) залив со седиште во Ријад, а Телма веќе објави дека неговото име е утврдено и како амбасадор во новата амбасада во Саудиска Арабија.
Сулејмани е теолог по занимање, а беше пратеник од Струга како дел од крилото на Арбен Таравари во Алијансата за Албанците. Го напушти Таравари, кога Таравари ја напушти владата на Мицкоски поради како што наведе „моралната, професионалната и политичката одговорност“ и приближувањето на Таравари кон ДУИ.
Сулејмани многу брзо доби нова државна функција овојпат во дипломатија и засега официјално како специјален пратеник со статус советник-министер во Ријад во Саудиска Арабија. Покрај дипломатските задачи, Сулејмани како специјален пратеник има и економски задачи за привлекување на инвестиции и развој на економската соработка со арапскиот свет.
Сулејмани пред да стане пратеник и политичар бил муфтија на струшкото муфтиство на ИВЗ, но беше разрешен од страна на Реисот без подетално официјално образложение иако неофицијално се спомнуваше дека бил дел од активности насочени против Реисот.
Како пратеник од Струга бележел солидни наплати од Собранието за патни трошоци и од јуни лани кога стана пратеник до оставката во мај или за 11 месеци наплатил околу 9 илјади евра за патни трошоци.
Телма упати прашања до владата за карактерот на дипломатската задача на Сулејмани и искуството во областа, но до објавувањето на текстот не добивме одговор.
Миомир Серафиновиќ











