Вршителот на должност градоначалник на Општина Кочани, Венко Крстевски им се извини на родителите на загинатите млади луѓе во кочанската дискотеката „Пулс“, откако на вчерашниот Марш на ангелите беше прозван за организирањето на музичката програма за празникот Петровден, четири месеци по најголемата трагедија. Додека на советниците во Советот на Општина Кочани им порачаа дека не покажале трошка почит и да не се плашат од нив, бидејќи не се убијци.
Пред четири месеци убијците во Кочани убија 63 дечиња. И повредија околу 200. И вие организирате веселба, па кој во Кочани ќе се весели кога нема фамилија која не е завиена во црно. Господине Градоначаник, големината на еден човек е во тоа да му прости на грешниот. Па затоа ние како чесни луѓе кои веќе четири месеци правиме марш секоја сабота ви ја простуваме вашата грешка. А можеби не е ваша, можеби некој ве наговорил на ова, а вие несвесно сте го сториле, вели Драги Стојанов татко на починато дете во пожарот во „Пулс“.
Градоначалникот Крстевски во одговорот, во кој се извинува на семејствата вели дека неговата улога не е само административна, туку и човечка. Да биде со сите граѓани, да слуша, да разбира и да дејствува со одговорност и чувство и какошто вели сака да го сочува достоинството на градот, но и да создаде простор за напредок и развој, особено за младите, за животот што мора да продолжи, со сите негови тешкотии и светлини.
Свесен сум дека постоеја и јавно изразени ставови од некои граѓани дека не треба да присуствувам на „Маршот на ангелите“. За жал, притоа бев навредуван со клетви и погрдни зборови. Иако тоа длабоко ме потресе како човек, не им го земам за зло. Ја разбирам болката што стои зад тие зборови. Кога ќе изгубиш најмил, зборот често станува крик, а тишината товар, кој тешко се носи, се вели во соопштението од Венко Крстевски в.д градоначалник на Кочани.
И покрај тоа што родителите на почнатите деца на вчерашниот Марш на ангелите побараа на социјалните мрежи, одредени партиски членови да не ги навредуваат, понижуваат, како и партиите да престанат со партискиот маркетинг, сепак денеска под новинарските текстови или изјави на родители има без број негативни коментари кои газат врз чувствата и болката на семејствата на загинатите деца.
-И тие некои госпоѓи, господиновци по коментарите што препукуваат: „Одете си кај вашите деца“, нека бидат благодарни на бога што нивните деца се живи, здрави и прави. Тие по коментарите што пишуваат секунда нека се стават во нашата кожа. И нека размислат што комнетираат, вели Васка Стојанова, мајка на починато дете во пожарот во „Пулс“.
-Ние родителите сме од крв и од месо како што беа и нашите деца. Ние се бориме за правда. Не за политички партии или било што друго, вели макка на починато девојче во пожарот во „Пулс“.
Тие очекуваат и одговор од премиерот, Мицкоски дали ќе бидат објавени снимките од средбата на 7 јули, а за која изминатите два дена има писмени преписки меѓу двете страни што е кажано на средбата. Очекуваат и судиите правично да судат во предметот во кој се опафтени 34 лица и три правни субјекти.
Викторија Јованова











