Правна празнина и законски недоречености за мандатите на функционерите се главна причина поради која разрешениот за коруптивно однесување, судија Лазар Нанев можел и се вратил на инспекторска позиција во МВР по 23 години мирување на неговиот работен однос во полицијата. Испочитуван е законот за работни односи и правата на Нанев бидејќи законодавецот не направил разлика меѓу времен мандат на функционер,како министер, директор, пратеник или претседател на институција и траен мандат како што имаат судиите.
Не е предвидено ниту дека разрешениот функционер не може да се врати на старо работно место во државно, доколку е разрешен поради неправилности и незаконитости, објаснува Анета Иванова Стојаноска, Истражувач во Центар за управување со промени (ЦУП).
„Ова ми се чини е прва ваква ситуација за некој кој има траен мандат, да биде разрешен и да се врати на овој начин на своето претходно работно место, и затоа можеби сега се гледа дека постои правна празнина. Законот не прави разлика меѓу функционери со времен мандат и функционери со мандат до пензионирање што е судискиот мандат на судиите поточно. Така што тука постои и дополнително. Законот не прави разлика односно не го разработува правото на мирување од аспект на правните последици што се по престанокот на функцијата -дали престанокот настанал со разрешување предвремено, дали настанал со оставка или е само со разрешување на мандатот“ вели Анета Иванова Стојаноска, Истражувач во Центар за управување со промени (ЦУП).
Правниот принцип е чист, етичкиот и моралниот е веќе лична работа, вели Стојаноска од Центарот за управување со промени, организација која ги набљудува активностите и законските одредби за избор, вработување и работа на функционерите и администрацијата.
„Судијата комплетно го искористил своето право кое му го дава законот и исто така на крајот на краиштата, ако постои тоа место и МВР како надлежна смета дека тоа место постои и ја има соодветната стручна спрема само го имплементира во сила решението кое претходно е донесено односно со мирување“ додава Ивановска Стојановска.
Телма го бараше и Нанев, но старо-новиот инспектор во кавадаречката полиција не одговори на нашите повици и пораки. Од два полициски синдикати ни рекоа дека случајот не го знаат, но и дека тој може да го обнови синдикалното членство и да побара правна помош од нив.
Телма вчера откри дека Нанев по 23 години е вратен на работа во МВР иако како судија беше разрешен поради јавувања на обвинет во предмет кој го водел самиот Нанев. Против него има и обвинение за кое судењето е закажано наесен.
Со вработувањето во МВР, Нанев може да искористи и предвремено пензионирање бидејќи бил десет години полицаец и инспектор, со бенефициран стаж и речиси 23 години судија, со што е многу блиску до полициската пензија која се добива на 40 години стаж.
Миомир Серафиновиќ











