Националната мрежа против хомофобија и трансфобија остро го осудува физичкиот напад врз претседателот на „ЛГБТИ Јунајтед“, Беким Асани и бара од надлежните институции итно да ги пронајдат и санционираат сторителите на ова дело од омраза.
Според сведоштвото на Асани, нападот се случил на 7-ми мај 2022 година на градските гробишта во Тетово, каде тој бил со својата мајка. Четири машки лица на возраст од 20 до 40 години кои седеле на клупа му дофрлувале на Беким „педер“, „неверник“, „многу зборуваш со устата“, „ќе гориш во пеколот“. Потоа еден од нив го нападнал со бокс во лицето, по што Беким паднал на земја, а напаѓачот продолжил да го удира со клоци по стомакот и нозете.
Имајќи предвид дека кривичните дела од омраза кон припадници на ЛГБТИ заедницата ретко добиваат правен епилог, инсистираме на итно и темелно постапување од страна на органите на прогон и целосно расчистување на овој случај.
Треба да се има предвид дека игнорирањето на говорот и делата од омраза кон ЛГБТИ лицата и неказнивоста на сторителите на овие дела, води до продлабочување на недовербата во институциите, поради што многу вакви напади воопшто не се ни пријавуваат.
Апелираме институциите еднакво да ги третираат сите граѓани во државата и да престанат да придонесуваат кон јакнење на дискриминацијата и насилството на кое се подложени сексуалните и родовите малцинства.
Асани се пожали и на односот и во полицијата во Тетово кога го пријавувал нападот и во болницата по укажаната помош.
-Не сум задоволен од третманот на полицијата и персоналот во болницата во Тетово. После тоа отидов во скопската болница но одбија да ме примат. Сè уште имам силна болка во целата глава и посилна болка во стомакот и имам силни напади на паника и стрес, напиша на ФБ вчера нападнатиот и претепаниот Асани.











