Без правосилно решение на инспекцијата за утврдените пропусти во козјо и ситно сирење или млечна урда, граѓаните кои купувале од производите кои надлежните не ги објавуваат засега не може да тужат и бараат отштета. Адвокатот Горан Нациќ за Телма вели дека во случај на загрозена безбедност и здравје, надлежните треба да ги предупредат граѓаните што да не купуваат.
- Надлежните институции, во скор временски период треба да ги обзнани компаниите кои согласно информациите со кои располагаме од јавноста, сториле измамничко однесување-за да ги заштити потрошувачите. Немам релевантни информации дали овие конкретни млечни производи се веќе отстранети од пазарот, ако се веќе отстранети тогаш потрошувачите се безбедни. А доколку не се отстранети од пазарот, од маркетите тогаш е добро што побрзо да се објави оваа информација во насока на тоа, потрошувачите да знаат што ќе купат, вели за Телма, адвокатот Горан Нациќ.
Нациќ кој има докторат на тема групна тужба предупредува дека во државата не постои механизам за колективно или општествено барање на отштета. Во моментот македонските граѓани имаат можност само за индивудуално барање на отштета што од друга страна може да предизвика илјадници тужби за отштета, исклучиво со фискални сметки наместо како во западните земји да се пресмета целосната штета од неквалитетните производи и таа да се бара преку колективна групна тужба за јавен интерес.
- Секој од овие потрошувачи има право да бара индивидуално обештетување. Тука се јавува проблемот-дали се исплати обештетување на индивидуално ниво каде што Вие треба да платите адвокат, судска такса за да се обештетите за килограм, два или три сирење кои сте ги земале во конкретниот спорен период, објаснува Нациќ.
- Првично целосната штета може да се пресмета не на индивидуално ниво, тука на агрегатно ниво. Се пресметува штетата на агрегатно ниво (сума на потрошен и купен спорен производ), целосна штета што е направена на вкупниот број на потрошувачи, без име и презиме, за кого станува збор. Преку податоци кои може да се земат од внатрешното книговодство на компаниите или врз основа на податоците добиени или запленети при конкретен инспекциски надзор. Кога ќе се пресмета вкупната штета, на агрегатно ниво, а не посебно по потрошувач, туку за целата група потрошувачи- во текот на постапката доколку се идентификуваат одреден број на потрошувачи, тие ќе бидат директно обештетени. Меѓутоа, за остатокот од вкупната утврдена штета, а не се утврдени сите конкретни оштетени лица се оди со принципот „обештетување најблиску што може“ односно во конкретната ситуација остатокот од вкупно пресметана штета би можело да биде искористен за например унапредување на сточарството во Република Македонија или за производството на млечни производи, предлага адвокатот Горан Нациќ
Иако во тек е постапка за измена на Законот за парнична постапка, ниту со нив не е предвидена групна или колективна тужба за потрошувачки права при измамничко однесување освен во делот на превенција и повлекување на опасни производи од рафтовите.
Миомир Серафиновиќ
Б.С.











