Со раце го кршев ѕидот до влезната врата за да влезе воздух на девојчињата кои беа заглавени во тоалетот и да влезам и да ја најдам мојата ќерка Надица, сведочеше Габриела Наунова чија ќерка загина во пожарот во Кочани, на денешното рочиште за трагедијата.
Надица ја викнале другарките за да одат на концерт ДНК во „Пулс“, а по полноќ добиле повик за пожарот.
„Јас веднаш отрчав кај Надица во соба, ја немаше. Претпоставив дека е во диско и заминавме со сопругот натаму. Неколку пати и ѕвонев кога видов дека не ми се јавува сфатив дека нешто големо се случува. Кога стасавме кај хотел Национал имаше полиција. Не ни дозволија со колата да се качиме накај дискотеката. Јас се симнав од колата и таму ги видов обезбедувањето, Мартин и „Бојата“, не знам како се вика. Некој од нив извика: Леле што направивме?“, сведочеше Габриела Наунова.
„На влезот на дискотеката почнав да го кршам ѕидот за да им влезе воздух на децат кои беа внатре и викаа за воздух. Како што кршев ми подадоа едно девојче, исцрнето, но беше живо и пак се вратив кај влезот. Второто девојче што ми го подадеа тоа беше мојата ќерка. Мојот сопруг влегол во дискотеката и ја нашол пред самиот влез“, раскажуваше мајката.
„Кога ми ја подаде Надица и клекнав за да ја држам исправено, очињата и беа отворени мислев дека е само онесвестена. Барав помош вода, ми дадоа вода почнав да и ставам по обравчињата, но немаше никаква реакција. Побарав помош од полицајците и еден ми вика не сум јас обучен за тоа. Ја однесовме во кочанската болница, таму дали имаше десет души. Бевме меѓу првите во болницата. Ја зедоа и ја качија на хирургија. Ја внесоа во сала. Пред операционата сала имаше друга просторија, имаше друго девојче кое примаше кислород“, сведочеше мајката.
„Девојчето кое примаше кислород викна и јас отидов таму. Оттаму од едно прозорче ја видов Надица и кога видов дека детето ми лежи само на креветот без никој да дојде да ми,каже дека е почината, ми се сруши целиот свет. Многу е тешко да си го гледаш сопственото дете мртво. На ништо после тоа не се сеќавам. Тие моменти ми се избришани. Мислев ќе стане мислев дека е само кошмар, дека тоа не е вистина. На никој не посакувам да си го виде детето мртва. Беше чиста како солза без изгореница уште парфемот и мирисаше на телото“, раскажуваше мајката на Надица и едвај се смируваше при сведочењето.











