Целата патна инфраструктура во викенд населбата на Попова Шапка е речиси целосно оштетена. Проблемите со сообраќајот и со паркирањето се најизразени во текот на зимската сезона. Сопствениците на куќите кои со години алармираат за овој проблем, се подготвени да соработуваат со Општина Тетово, односно со свои средства да учествуваат во реконструкцијата.
„Паркинг местата ни недостасуваат во зимскиот период, а најважно е асфалтирањето на оваа улица, постоечката, која е изградена во 88 или 87. Ние сме заинтересирани да помагаме, да учествуваме со наши средства колку што можеме“, вели Авзи Ризвани, Здружение на граѓани Попова Шапка
Градоначалникот Биљал Касами, најави и отворање на нов пристапен пат кој ќе поминува во горниот дел од викенд населбата, со што би се ублажил проблемот со метежот во сообраќајот во екот на сезоната.
„Новиот обиколен, пристапен пат, во текот на сезоната, една трака ќе биде за паркирање, истовремено ќе се користи како едно насочен пат и нема да биде блокиран патот, како што се блокираше до сега“, изјави градоначалникот Билал Касами.
Градоначалникот најави и дека ќе се легализираат само оние дивоградби кои ги исполнуваат условите, а заведени се вкупно 116 вакви објекти на Попова Шапка.
Данијела Билбилоска











