Инсекти во храната, отсуство на топла вода, а понекогаш воопшто ја нема, стаорци во тоалетите, нефункционални лифтови, протекувања. Ваква е состојбата во студентскиот дом „Пелагонија“ на која се жалат студентите, а ја објави редакцијата на Мета.мк.
Иако се обидовме да влеземе внатре, во студентскиот дом „Пелагонија“, за да ги снимиме лошите услови на кои се жалат студентите, едноставно не успеавме. Кога влеговме, од рецепција ни кажаа дека можеме слободно да се движиме и да снимиме сѐ што сакаме. Но, од Правниот сектор ни кажаа дека не можеме, додека не биде поставен нов в.д. директор на овој студентски дом, затоа што претходниот поднесе оставка минатиот месец.
Нашиот снимател го забележа и тој миг.
„Додека не дојде директорот, ниту можеме да ви дадеме официјално, ниту да истапиме, ниту изјава да ви кажеме. И ќе ве замолиме да ни го почитувате тоа“, рекоа од Правната служба во студентскиот дом „Пелагонија“.
Студентите сместени во „Пелагонија“ не сакаа да зборуваат во камера за недостоинствените услови со кои се соочуваат секојдневно. Сепак, една од студентките кажа дека имаат проблеми со водата и со храната што ја добиваат во студентската менза.
„Немаме топла вода. Некогаш воопшто немаме вода. Некогаш мал проблем имаме и со храната. Можам да кажам дека често пати имаме инсекти во храната. Мислам дека не е во ред. И сметам дека треба да се води ред, храната да биде поздрава и поразновидна. Да не биде секогаш иста“, рече Натали Павловска, студентка во прва година на Филозофскиот факултет.
Министерката за образование и наука, Јаневска, вината за катастрофалните услови во домот ја адресира на поранешниот директор.
„Директорот на студентскиот дом не си ја извршува својата функција. И затоа ќе мора да преземеме чекори, во најблиска иднина да побараме и поставиме нов директор“, кажа Весна Јаневска, министерка за образование и наука.
За два до три дена проблемот ќе се реши со назначување нов директор на студентскиот дом „Пелагонија“, дополни министерката.
Сотир Трајков











