Граѓаните од државите во регионот, вклучително и Македонија, немаат пари и за лекови и за храна, па мора да се решат за едно од двете. Иако покриеноста со лекови кај нас последниве години е подобрена, високите цени се голем товар, особено за посиромашните семејства, констатирале од Светската здравствена организација (СЗО) во извештај направен од регионалната канцеларија во Барселона.
Во него стои дека во 2018 година, 80% од плаќањата на нашите граѓани биле за амбулантски лекови. Тие плаќања сочинуваат 42% од вкупните здравствени трошоци, што е далеку над европскиот просек од 22%, кажа директорката за здравствени политики во регионалната канцеларија на СЗО за Европа.
„Јасно ми е дека повеќе од една деценија нередовното ажурирање на Позитивната листа го попречува вклучувањето на веќе воспоставените, но и нови терапии кои станаа стандардни во клиничката пракса на други места. И кои што се достапни во многу други земји, во европскиот регион. Ова влијае врз луѓето и резултира со трошоци“, рече Наташа Азорпарди Мускат, директорка за здравствени политики во регионалната канцеларија на СЗО за Европа.
По 15 години застој, власта ја ревидира Позитивната листа на лекови со вметнување девет нови генерички медикаменти. Се работи за лекови за висок притисок, срцеви заболувања, антиагреганси, за третман на депресија и против деменција. Граѓаните од 16 септември ќе можат да ги набават бесплатно од аптеките, кажа министерот за здравство, Таравари. Тој најави ново проширување на Позитивната листа по Нова година, со цел намалување на трошоците на граѓаните.
„Ние подготвуваме платформа заедно со СЗО, која што ќе обезбеди транспарентност на целиот процес при идното проширување на лековите. Исто така ќе имаме препораки од СЗО, меѓутоа и од експертите внатре во државата“’, кажа Арбен Таравари, министер за здравство.
Од СЗО се заблагодарија на сработеното, но кажаа дека големата задача допрва претстои.
„Големата задача што лежи пред нас е да се создаде систематски институционализиран процес, кој што ќе биде безбеден, транспарентен и ќе може да одговори на потребите на нашите граѓани“, кажа Аким Али, претставник на СЗО за Македонија.
СЗО може да и помогне на Македонија во градењето на капацитет за проценка на здравствената технологија и за потребата од стратешка ревизија на политиките за цените на лековите и за надоместоците. Помошта ќе биде техничка и со меѓународна соработка, кажаа од СЗО.
Сотир Трајков











